УТВРДЕНИ СЕ ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ ЗА ГРОЗЈЕТО Смедеревката ќе се откупува за 18,90 денари, а вранецот за 21,30 денари

Се очекува берба од повеќе од 100 милиони килограми грозје што е за 25% повеќе од лани.

90

Годинава се очекува берва од повеќе од 100 милиони килогами грозје што е раст од 25% на род во однос на лани. Цената за откуп на смедеревката за реколта 2025 година е 18,90 денари, а за вранецот 21,30 денари, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Во изјавата дадена пред почетокот на конференцијата „Иднината на лозарството: Иновации, стандарди и одржлив развој“, на која домашни и странски експерти ќе говорат за концепти, активности и предлози за надминување на предизвиците со кои се соочува лозарството, особено во услови на климатски промени, Трипуновски оцени дека тоа претставува сериозен напредок во производството на грозје, што е резултат и на мерките на Министерството за земјодлество.






– Тоа е сериозен прогрес затоа што сериозен акцент се вложи во водостопанството, меѓутоа апсолутно работиме во делот на подигање на новите насади. Знаете дека Министерството преку мерки помага и субвенционира подигање нови лозови насади и со самата навремена исплата на субвенциите доволен стимул да ги зголемуваме површините, меѓутоа и да работиме на квантитетот. Она што Министерството го спроведе согласно законот е истакнувањето на производната цена зголемена за 25 % истакната од винарските визби. Практично за неколку дена од денес ќе почне бербата на најголемите, односно најзастапените вински сорти, иако на другите таа веќе е во тек – рече Трипуновски.

Министерот најави дека се работи на зголемување на квантитетот на производство на грозје, а со самото тоа се очекува, вели, и извозот да биде уште поголем во наредниот период.

Извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“ Елена Младеновска-Јеленковиќ, рече дека имиџот на македонското вино со години расте на светските пазари, а, вели, расте и извозот.

-Лани имавме, навистина, тешка климатска година и намален род. Оваа година, иако имаше високи температури, родот е сепак подобар од минатата година и очекувам дека ќе се зголеми и производството на вино. На крајот, извозот на вино, кој што година за година е од прилика 50 до 60 милиони евра, е значителен придонес во македонската економија – рече таа и  појасни дека около 85% од тоа што се произведува во Македонија, е извезено вино.

Милица Плетварска Атанасов од Здружението „Повардарски – ВРВ“ порача дека е потребно вклучување на традиционалните методи на производство на автентично македонско вино и негово стандардизирање.

– Покрај следење на процедурите за производство на грозје, исто така имаме следење на процедури за производство на вино. И на крајот на целата таа работа има контрола на крајниот производ, кое што дава една гаранција на потрошувачот. Вино кое што има географска ознака, значи гаранција на пазарот, поголема доверба од купувачите и со надеж поголема продажба и полесно освојување на странски пазари – рече таа.

Според неа, со оглед на тоа дека околу 60% од извозот е наливно вино, а пак вредносно околу 65-70% отпаѓа на флашираното, винариите треба да се мотивираат наместо наливно да извезуваат вино во шише кое ќе биде произведено според стандардите на географска ознака.

Поврзани содржини