📷 ЗАТВОРЕНА ЧИТАЛНИЦАТА „СЛАВКО ЈАНЕВСКИ“ Објектот ќе добие нов лик, велат од Општина Центар
Општина Центар тврди дека читалницатае затворена само поради годишни одмори, а во меѓувреме се врши замена на старите прозорци со нови алуминиумски.
Жителите на Општина Центар деновиве реагираа и прашуваа што се случува со читалницата „Славко Јаневски“, откако на терен беа забележани градежни активности, а на објектот е истакнато известување дека е времено затворен поради годишни одмори.
Од Општина Центар за нашиот медиум потврдија дека читалницата е затворена од 15 август и ќе биде повторно отворена на 31 август. Од таму појаснуваат дека градежните активности што можат да се забележат се однесуваат единствено на замена на старите дрвени прозорци со нови алуминиумски.
„Читалницата ‘Славко Јаневски’ е затворена само поради колективен годишен одмор. Во меѓувреме се врши замена на дотраените прозорци со современи алуминиумски, со што ќе се обезбеди подобра енергетска ефикасност и поквалитетни услови за сите корисници. На 31 август таа повторно ќе ги отвори вратите за граѓаните“, велат од Општина Центар.

Читалницата „Славко Јаневски“ беше отворена пред повеќе од една деценија како современ простор за читање, учење и истражување. Именувана по еден од најзначајните македонски писатели и прв претседател на Друштвото на писатели на Македонија, Славко Јаневски, таа стана симбол на културниот живот во Центар.
Со години читалната нуди бесплатен пристап до книги, списанија и дневен печат, како и дигитални содржини преку компјутери со интернет. Просторот е редовно користен од ученици и студенти за учење, но и од љубители на литературата кои таму наоѓаат мир и инспирација.
Во текот на изминатите години, читалницата беше домаќин на бројни културни настани, книжевни вечери, трибини и работилници, што дополнително ја вгради во културната сцена на Скопје.