📽️ 14 КРИМИНАЛНИ ГРУПИ ПАДНАА ЗА ЕДНА ГОДИНА Полицијата приведе 201 осомничен за фалсификувани пари, дрога и за тероризам
МВР за една година уништи 14 криминални групи и спречи 6.000 обиди за нелегален влез.
Министерството за внатрешни работи сузбило 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 физички лица и 18 правни лица во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година.
„Справувањето со илегалната миграција е еден од врвните предизвици и приоритети во работата на МВР, за што говори и статистиката на преземени дејствија и резултати во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година. Во овој период сузбиени се 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 физички лица и 18 правни лица“, стои во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека се откриени 64 случаи на криумчарење мигранти, на околу 430 лица, додека спречени се 6.000 обиди за илегално транзитирање, што претставува намалување за речиси 50 отсто во однос на претходниот период.
„Во соработка со Европската агенција ФРОНТЕКС, МВР спроведува континуирани операции за контрола на границите и справување со безбедносните ризици. Покрај миграцијата, откриени се и случаи поврзани со фалсификување пари, тероризам, проституција, висока корупција (во вредност од над 16 милијарди денари), недозволена трговија со дрога, како и нови случаи на криумчарење мигранти поврзани со меѓународни криминални мрежи“, се наведува во соопштението.
Министерството за внатрешни работи додава дека продолжува со бескомпромисната борба против илегалната миграција и организираниот криминал, како еден од стратешките приоритети за заштита на безбедноста и правниот поредок.