ЗА ДВА МЕСЕЦА СЕ ИЗДАДЕНИ 107.666 ГАРАНЦИИ ЗА ПОТЕКЛО НА СТРУЈА Половина од нив се за фотоволтаични централи
Станува збор за електронски документ чија цел е да им обезбеди на потрошувачите доказ дека определен удел или количина од електричната енергија е произведена од обновливи извори
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, во април годинава успешно го воспостави Регистарот на Гаранции за потекло на електрична енергија и за само два месеци издаде 107.666 гаранции.
Како што се соопшти, на 26 мај, МЕМО официјално ги издаде првите Гаранции за потекло од обновливи извори на АД ЕСМ, за електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети. Во јуни беа издадени 56.620 гаранции за хидроцентрали, а во јули – 51.046 за фотоволтаични централи.
– Сѐ поголем број компании се приклучуваат кон Регистарот, што претставува клучен чекор во градењето на транспарентен и современ енергетски пазар. МЕМО обезбедува усогласеност меѓу националните и европските регулативи, одржувајќи сигурен и стандарден систем за издавање, пренос и активирање на Гаранциите за потекло. Станува збор за електронски документ чија цел е да им обезбеди на потрошувачите доказ дека определен удел или количина од електричната енергија е произведена од обновливи извори – велат од Националниот оператор на пазар на електрична енергија.