НА БУЈАР НЕ МУ Е ДО СОЖИВОТ, ГО МАЧИ ТОА ШТО ДУИ НЕ Е НА МАСАТА Османи е апостол на дестабилизација и поделби, категоричен е министерот Муцунски
„За разлика од Бујар Османи, секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска“, пишува Тимчо Муцунски на Фејсбук.
„Бујар Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски.
Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или каква било друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува ’проблем за соживот‘.
За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата“.
Со овие зборови министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски возвраќа на реакцијата на Бујар Османи, втор човек на ДУИ и кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир.
„Интересно е – пишува Муцунски на Фејсбук – како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби“.
„Ние, во меѓувреме, работиме да ја поправиме штетата што ја оставивте – дома и надвор. Со работа, со принципи, со почит. Не со закани и со манипулации. Демократијата не е валидна само кога сте дел од власта. А граѓаните веќе го кажаа своето – јасно, на избори“, му вели Муцунски на Османи.
Муцунски вели дека верува во соживот, во дијалог, и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок.
„За разлика од него (Османи), секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска“, заклучува Муцунски.
НЕРАЗУМНО Е ДА ГО РУШИТЕ ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР Османи со жесток одговор до Муцунски