„ПО ОДМОРОТ СЀ ЌЕ БИДЕ ОФИЦИЈАЛНО“ Јавноста ќе ги дознае деталите за локалните во август, вели премиерот

Премиерот Мицкоски изјави дека преговорите со владините коалициски партнери за настапот на локалните избори се во напредна фаза и се одвиваат конструктивно. Анализите и официјализацијата на коалицискиот настап се очекуваат во втората половина на август.

1,826

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги оцени како „исклучително конструктивни“ разговорите со владините партнери и потенцијалните коалициски сојузници за заеднички настап на претстојните локални избори.

Според него, процесот се движи во позитивна насока, а официјализацијата се очекува по завршување на годишните одмори.






– Очекувам дека некаде по годишните одмори ќе имаме и официјално соопштение до јавноста. Во периодот помеѓу 5 и 15 август Владата ќе биде на годишен одмор. Анализите ќе продолжат во тој период, и разговорите ќе траат. Во втората половина на август очекувам да заврши целиот процес и да се официјализира коалицискиот настап – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека веќе се завршени разговорите со внатрешните коалициски партнери и дека следуваат финалните анализи со потенцијалните нови политички субјекти.

– Во меѓувреме, разговорите ги завршивме со нашата внатрешна коалиција, со потенцијалните политички партии и идни наши коалициони партнери. Сега правиме анализа, и очекувам таа тема да се затвори до првата половина на август – додаде премиерот.

Што се однесува до локалните избори, Мицкоски најави дека по завршувањето на анализите, ќе се објават и имињата на кандидатите за градоначалници кои ќе добијат поддршка од коалицијата. Потврди дека владините партнери ќе имаат свои советнички листи, но дека поддршката на кандидатите ќе биде заемна.

– Логично е во сите општини да се поддржуваме едни со други. Мислам дека тоа ќе биде позитивен процес кој ќе заврши во втората половина на август – рече Мицкоски.

Поврзани содржини