СВЕТСКИ РЕКОРД ВО СКОК И ЕВРОПСКИ ВО СТРЕЛАШТВО Одличен старт на Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје

Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар. Турчинката Елиф Берфин, со 421,2 остварени круга постави европски рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри.

358

На Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025 во текот на првиот натпреварувачки ден беше соборен светски рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар. Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.

Медалите на првата официјална церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ги врачи Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, додека Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, на секоја од медалистките ѝ подари маскота – симбол на фестивалот и вредностите што го обединуваат.






Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европски рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.

Вчера беа забележани и одлични индивидуални настапи за македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини. Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 м градно со време 2.35:41 мин, соборувајќи го досегашниот резултат 2.37.90.

Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 мин), Никола Велковски на 400 м градно (4:21:50 мин) и Михаил Алексовски на 200 м градно (2:38,01 мин), како и Милан Јанковски на 100 м грбно на возраст до 14 години. Единствена нашата натпреварувачка која избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска на 200 метри пеперутка.

Поврзани содржини