📽 АВИОН НА ВОЈСКАТА СЕ УРНА ВО УЧИЛИШЕН ДВОР ВО БАНГЛАДЕШ Загинаа 19 луѓе, десетици деца завршиле со тешки изгореници

Војската соопшти дека загинал пилотот што го управувал авионот. Повеќе од 50 луѓе се префрлени во болница со изгореници. Бројот на утврдени жртви може да се зголеми бидејќи официјалните извори даваат различни бројки за загинатите и за повредените.

572

Најмалку 19 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени откако авион за обука на воздухопловните сили на Бангладеш се урна врз кампус на училиште во главниот град Дака, објави Би-Би-Си.

Снимките од местото на несреќата, во „Мајлстон скул енд колеџ“ во северното предградие Утара, прикажуваат огромен пожар и густ чад.






Вооружените сили потврдија дека едно од нивните летала е вклучено во несреќата и дека пилотот загинал.

Повеќе од 50 лица – вклучително и деца и возрасни – се префрлени во болница со изгореници, изјавил лекар од Националниот институт за пластична и изгорна хирургија.

Бројот на жртви може дополнително да се зголеми, бидејќи официјалните извори даваат различни бројки за загинатите и за повредените.

Наставникот Резаул Ислам изјавил дека го видел моментот кога авионот „директно“ удрил во зградата.

Друг наставник, Масуд Тарик, изјавил:

– Кога се свртев, видов само оган и чад… Имаше многу родители и деца тука.

Еден ученик изјавил дека го видел авионот како удира во зградата „точно пред неговите очи“.

Учениците што го посетуваат училиштето се на возраст од 4 до 18 години.

Во соопштение од војската се вели: „Авион F-7 BGI на воздухопловните сили на Бангладеш се урна во Утара. Леталото полетало во 13:06 часот по локално време (07:06 GMT)“.

Пожарната служба на земјата соопшти на социјалните мрежи дека испратила 9 единици на терен, како и 6 амбулантни возила.

Фотографиите од местото покажуваат десетици припадници на итните служби како пребаруваат низ изгорените урнатини во обид да пронајдат преживеани.

На една фотографија, пожарникари носат тело од зградата.

Исто така, се гледаат граѓани како стојат на покривите на околните згради и го набљудуваат настанот.

Лидерот на привремената влада на Бангладеш, Мухамед Јунус, изјави дека ќе бидат преземени „сите неопходни мерки“ за да се истражи причината за несреќата и „да се обезбеди целосна поддршка“.

„Ова е момент на длабока тага за нацијата. Им посакувам брзо закрепнување на повредените и им наредувам на сите институции, вклучително и на болниците, да постапуваат со најголемо внимание“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Бангладеш го прогласи утрешниот ден, вторник, за ден на жалост, кога националното знаме ќе биде спуштено на половина копје низ целата земја.

Поврзани содржини