📷 СПОРТСКИ СПЕКТАКЛ ВО МАКЕДОНИЈА Почна Европскиот младински олимписки фестивал, 4.000 млади ќе се натпреваруваат во 15 спортови

Натпреварите во пинг-понг, како дел од ЕМОФ 2025, ќе започнат на 22 јули во салата Партизан во Карпош. Македонија ќе ја претставуваат Јаков Јакимовски од ППК „Куманово“ и Фани Јованоска од ППК „Младост“ од Прилеп.

956

Со дефиле на 50 делегации и со спектакуларна церемонија во Спортскиот центар „Јане Сандански“, синоќа беше отворен Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025 (ЕМОФ). Фестивалот официјално го отвори претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а поздравен говор одржа и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос.

Свеченото отворање го означи почетокот на седумдневен спортски и културен настан, што ќе ги обедини младите спортисти од целиот континент во духот на фер-плеј, пријателство и на солидарност. Натпревари ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.






Натпреварувањата се организирани на современи спортски објекти во Скопје и во Куманово, додека спортската гимнастика ќе се одржува во Осиек, Хрватска, во координација со Европскиот и со Хрватскиот олимписки комитет.

Се очекува учество на над 4.000 спортисти, тренери, официјални лица и тимски претставници, како и стотици волонтери, новинари и гости. Македонија годинава ќе има рекорден број натпреварувачи во сите дисциплини.

Претседателката Сиљановска Давкова на својата објава на Фејсбук напиша:

„Голема е честа да се биде земја домаќин на Летниот европски младински олимписки фестивал на којшто се собраа околу 4.000 спортисти коишто ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја гарантираат светлата иднина на европскиот и на светскиот спорт.

Летниот европски младински олимписки фестивал е врвен спортски чин, симбол на младост и на витештво во натпреварувањето, генератор на заедништво и на солидарност, креатор на европски културен и спортски дијалог“.

Неспорно е дека спортот има огромна моќ да обединува, додава таа, да ги брише расните, етничките, верските и социјалните разлики, да овозможува рамноправна битка, од која, без оглед на конечниот резултат, сите учесници се морални победници.

„Ги охрабрувам во спортските битки да го вложат најдоброто од себе и им посакувам успех на натпреварите!“, порачува претседателката во својата објава.

Отворена е вратата за стотици млади спортисти

Со порака на гордост и за визија за иднината се огласи и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, кој на својот профил во неделата објави:

„Вечерва имав посебна чест да бидам дел од отворањето на Европскиот младински олимписки фестивал 2025 – настан кој ги впиша Аеродром, Скопје и Македонија на мапата на големите спортски случувања во Европа.

Како домаќини, ја отворивме вратата за стотици млади спортисти од целиот континент, испраќајќи силна порака – дека сме земја што верува во спортот, во младите и во заедништвото.

EYOF е повеќе од натпреварување – тоа е празник на младоста, различноста и за европското пријателство. Вечерва Македонија зрачеше со енергија, со гордост и со визија за иднината.
На сите натпреварувачи им посакувам фер борба, успех и незаборавно искуство. Нека победува спортскиот дух!“

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, исто така изрази гордост што Скопје е домаќин на ваков значаен настан, нагласувајќи ја улогата на спортот во градењето на единство.

„Скопје вечерва е центарот на Европа! Со официјалното отворање на Летниот европски младински олимписки фестивал, нашиот град блесна во светлината на спортот, младоста и единството.

На сцената во СЦ „Јане Сандански“ дефилираше голема парада на 49 спортски делегации, илјадници млади спортисти од цела Европа – сите заедно, обединети преку спортот, дружбата и фер-плејот.

Скопје денес е креатор на европскиот културен и спортски дијалог.

Горди сме што ја шириме пораката за заедништво и инспирација токму од тука – од срцето на Балканот“, напиша тој на својата објава на Фејсбук.

Натпревари во пинг-понг во салата Партизан

Како дел од фестивалот, на 22 јули во салата Партизан, во општина Карпош, започнуваат натпреварите во пинг-понг. Како што информира македонската Пингпонгарска федерација, државата ќе ја претставуваат Јаков Јакимовски од ППК „Куманово“ и Фани Јованоска од ППК „Младост“ од Прилеп.

Натпреварите ќе се одвиваат секој ден од 9:30 до 20 часот, додека финалето е закажано за 26 јули.

Поврзани содржини