НЕМА ПРОСТОР ЗА СТРАВ ОД СТАВОВИТЕ НА ТРАМП ЗА НАТО Украина ќе добива цврста поддршка за да се одбрани од Русија, вели Шекеринска

Русија го поткопува меѓународниот поредок, европската безбедност и главната цел на Алијансата - безбедна евроатлантска зона. Затоа ја поддржуваме не само територијалната целовитост и суверенитет на Украина, туку и нејзиното право и способност за самоодбрана , вели Радмила Шекеринска, заменик генерален секретар на НАТО.

526

НАТО нема да се откаже од помошта за Украина, а Хрватска е вреден и доверлив сојузник во тие напори, изјави заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за хрватската агенција Хина.

Таа нагласи дека хрватската посветеност кон НАТО е „многу јасна“.






– По бруталната руска агресија врз Украина, Хрватска беше вистински сојузник кој ја поддржа Украина, не само финансиски и политички, туку и воено. Станува збор за 245 милиони евра директна хуманитарна и воена помош – рече таа.

Шекеринска викендов учествуваше на Дубровничкиот форум, каде повтори дека НАТО останува цврст во поддршката на Украина.

– Русија го поткопува меѓународниот поредок, европската безбедност и главната цел на Алијансата – безбедна евроатлантска зона. Затоа ја поддржуваме не само територијалната целовитост и суверенитет на Украина, туку и нејзиното право и способност за самоодбрана – истакна Шекеринска.

Само минатата година НАТО сојузниците ѝ испорачале на Украина повеќе воена помош од ветеното, над 50 милијарди евра. Во првите шест месеци од годинава, таа сума изнесува дополнителни 35 милијарди евра, додаде таа.

За поефикасна координација на помошта, НАТО воспостави посебна командна структура во Висбаден, Германија, како и заеднички центар со Украина во Полска. Овие капацитети имаат задача не само да обезбедат помош, туку и да извлечат поуки од украинското борбено искуство.

Дополнително, како што посочи Шекеринска, дел од сојузниците веќе разговараат за формирање „Коалиција на подготвени“ – група земји што ќе продолжат со поддршка и по евентуалното примирје, со цел осигурување праведен и одржлив мир.

Во врска со загриженоста во Европа за ставовите на актуелниот американски претседател Доналд Трамп кон НАТО, Шекеринска изјави дека нема простор за страв.

– Заклучоците од последниот Самит во Хаг потврдуваат единство на трансатлантскиот сојуз. САД се јасно и силно посветени на НАТО – рече таа.

Според неа, американската посветеност доаѓа со очекување дека европските сојузници и Канада ќе вложат повеќе за да се постигне праведна распределба на безбедносниот товар. На Самитот беше договорено сите членки да ги зголемат буџетските издвојувања за одбрана на 5 отсто од БДП.

– Сојузниците споделуваат исти проценки за најголемите закани и заедничка визија за тоа како да се соочат со нив – преку зголемени трошоци за одбрана и развој на поамбициозни капацитети – истакна Шекеринска.

Во врска со одлуката на Хрватска да воведе задолжителен воен рок од следната година, Шекеринска порача дека таквите политики се суверено право на секоја држава членка.

– Некои земји се фокусираат на професионална армија, други повторно го воведуваат воениот рок. НАТО го почитува изборот на секоја држава во согласност со нејзините околности – изјави таа.

Главниот фокус на Алијансата, според Шекеринска, е развој на воените капацитети и поддршка на усогласените оперативни планови.

Поврзани содржини