ДАЛАЈ ЛАМА ПРЕСЕЧЕ, ЌЕ НАЗНАЧИ СВОЈ НАСЛЕДНИК Пекинг се противи, Тибет слави

Видео-пораката на духовниот водач беше отфрлена од Кина, која инсистира дека следниот Далај Лама мора да биде избран според кинеските закони и да добие одобрение од Пекинг.

430

Познатиот духовен лидер на Тибет, кој е во егзил, Далај Лама, ги реши долгогодишните дилеми и потврди дека ќе има наследник, ставајќи крај на неизвесноста за судбината на 600-годишната духовна институција, јави Би-Би-Си.

Во видео порака од неговото седиште во егзил во индискиот град Дарамшала, 90-годишниот духовен лидер рече дека само специјалниот фонд „Гаден Фодранг Траст“, што тој го основал, може да одреди кој ќе биде неговиот вистински наследник.






– Потврдувам дека институцијата Далај Лама ќе продолжи, а само мојата канцеларија, согласно традицијата, ќе го одреди наследникот. Никој друг нема право да се меша во тоа – нагласи Далај Лама.

Неговата порака предизвика големо олеснување кај тибетските монаси и следбеници кои деновиве присуствуваат на прославите за неговиот 90-ти роденден. Меѓу 7.000 гости од целиот свет е и холивудскиот актер Ричард Гир, долгогодишен приврзаник на духовниот водач.

Но, одлуката веднаш беше отфрлена од Кина, која инсистира дека следниот Далај Лама мора да биде избран според кинеските закони и да добие одобрение од Пекинг.

– Реинкарнацијата мора да ги следи нашите историски традиции и да биде одобрена од владата – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

 

Далај Лама во минатото не беше сигурен дали неговата духовна титула ќе продолжи. Пред неколку години, тој најави дека неговиот наследник може да биде жена или пак воопшто да нема наследник. Сепак, силната поддршка од Тибетанците го убедила дека институцијата мора да продолжи, нагласувајќи дека неговиот наследник не смее да биде роден во Кина.

Експертите очекуваат дека Кина ќе се обиде да наметне свој кандидат, што ќе создаде уште поголема напнатост. Професорот Дибјеш Ананд од Универзитетот во Вестминстер смета дека кинескиот кандидат нема да биде признаен од тибетскиот свет, ниту пак од меѓународната заедница.

– Кина има моќ и ресурси, но не и легитимитет. Светот ќе се потсмева на нивниот избор – додаде Ананд.

Цајанг Гјатсо, тибетски бизнисмен од Делхи, кој специјално дошол во Дарамшала за прославата, рече дека со оваа порака завршува периодот на неизвесност.

– Се чувствувам благословен и олеснет. Стравував дека Кина ќе ја корумпира постапката, но сега сум спокоен – изјави Гјатсо за Би-Би-Си.

Професорот Роберт Барнет од Факултетот за ориентални и африкански студии во Лондон смета дека изјавата на Далај Лама е директна порака до Пекинг дека духовниот лидер, а не Кина, ќе одлучи за сопствениот наследник.

Поврзани содржини