Мислењето ќе победи

„Не држете говори, градете приказни“, ќе препорача некогаш Платон, обраќајќи им се на бројните шарлатани, брзи на јазикот и празни во мислите, кои замислувале дека ќе се наметнат во јавниот агон анимирајќи еден антиципиран „storytelling“, подготвен да ја легитимира нивната лична празнотија. Размислувањето заморува, затоа што не зема ништо за готово, анализира, се соочува, дискутира и се враќа на своите почетни премиси. Пред сѐ и над сѐ, размислувањето се прашува зошто, и речиси секогаш почнува со сомневање.

987

Размислувањето е пракса која не признава и не препознава скратени патишта. Напротив, од нас изнудува посветеност, време и точност да не се задоволуваме прелесно. Денес, како ретко кога порано, сме сведоци дека размислувањето е една пракса која сѐ почесто слабо ја користиме. Сѐ почесто се ориентираме кон праксата на правење нешта, кажување нешта, кон натрупувањето на очајни стимулации, замислувајќи дека самата варијација на темите, зачинета со силни дози на емотивност, ќе ја легитимираат нејзината вредност и желба, која е речиси неиздржлива, да се наметне општествено и така да симулира некаква си важност.

Во најдобар случај размислувањето денеска ја добива формата на специјализирана мисла, мислење кое самото по себе не размислува, туку ги следи процедурите и го слави „правењето“, функционирањето. Техничкото размислување, како што зборуваше Платон, е способно да ги направи нештата, но не и да ни објасни зошто ги правиме.






Размислувањето е уметност, култура, учење и труд

Денес сме преполни со сликовити размислувачи, визуелни автори, логореични говорници кои ни разводнуваат скромни аргументи и гледишта и ги претвораат во жестоки морализаторски пресуди, тоа се модерните удирачи по тастатурите без посветеност на умот и ширачите на лингвистичките судири, осудени на долги патеки, да бидат затурени во заборавот и презирот. Размислувањето е уметност, култура, учење и труд. Тоа е едно патување во кое зборот е сопатник уште пред да се изрази, и токму затоа денес размислувањето нема доверба во бездушните изразувања на многумина кои аспирираат кон некаква си хегемонија. Затоа што тој што владее и командува, тој што доминира – наметнува.

„Не држете говори, градете приказни“, ќе препорача некогаш Платон, обраќајќи им се на бројните шарлатани, брзи на јазикот и празни во мислите, кои замислувале дека ќе се наметнат во јавниот агон анимирајќи еден антиципиран „storytelling“, подготвен да ја легитимира нивната лична празнотија. Размислувањето заморува, затоа што не зема ништо за готово, анализира, се соочува, дискутира и се враќа на своите почетни премиси. Пред сѐ и над сѐ, размислувањето се прашува зошто, и речиси секогаш почнува со сомневање.

Недостасува критичката мисла

Како што вели мудроста: „јас не сум експерт, јас сум само човек што размислува“. Човек кој се обидува да промислува околу нештата, со цел да не се предаде пред очигледноста и нормалноста која ги стандардизира прашањата и одговорите, па затоа тргнува со сомнеж. Тоа е сосема спротивно од оној кој се задоволува од насобраните и култивирани апроксимативности, од полувистините собрани во автореферетни контексти, испразнети од живост и енергија. Денес недостасува критичката мисла, онаа мисла која бара напор и посветеност, ослободена од целта да слугува или некому да служи.

Мислата која размислува денес е отфрлена поради наводната неефикасност во контекстот кој е опседнат со брзањето да се стигне до целта, која најчесто завршува со некакво си офајдување. Без притоа најчесто да сме свесни дека таквите цели најчесто нѐ носат до секундарни последици кои поради брзањето не ги земаме предвид, за потоа да се зезнеме на долги патеки. „Една земја која нема приказни за раскажување е земја која е осудена да умре од студ“, пишуваше неодамна еден норвешки поет. А приказните не може да се импровизираат, не се градат собирајќи натрупани остатоци или бучни празни муабети.

Има една маана размислувањето, се храни од убеденост и кохеретност, вредности кои денес не се во мода, имајќи предвид колку денеска е победнички моделот да се окупира секој можен простор со интерпретатори чија вокација е да практикуваат претерана послушност и сервилност, до степен да испаднат смешни.

Постои една последна карактеристика на мислата која размислува покрај последиците кои неизбежно следуваат: а тоа е да се земе збор кога сѐ околу нас плете завера наменета да ги олади нашите страсти и да нѐ откаже од посветеноста кон некаква си кауза.

Ќе се утешиме со зборовите на Бернард Шо од Света Јованка: „На крајот имаме потреба од некаков си лудак ако помислиме каде нѐ доведоа нашите мудреци“. Така можеби ќе се утешиме и ние самите, за нашите расфрлени мисли низ годините, чуvствувајќи се предолго дека сме биле во право, заштитени од нашите сигурности и убедувања.

Ова е мојата последна колумна за Дојче Веле. Доаѓаат или дојдени се нови времиња, на кои сите ние ќе се привикнеме, или којзнае, ќе се спротивставиме. Променети се начинот на размислување, променото е новинарството, па и начинот и формата како размислувањето се изразува, и таа реалност, треба да се обидеме, ако веќе не ја прегрнуваме, барем да ја подобриме. Сакам да изразам огромна благодарност до медиумот, до уредникот и до сите колеги за овие години на слободно изразување, за дадениот простор и за можноста да се допре до читателската публика.

 

Поврзани содржини