Отворено писмо до бугарскиот претседател Румен Радев

Вашите чести јавни настапи, кои се полни со условувања, закани и реторика на нетолеранција или поточно инсинуирана етничка супериорност кон Република Македонија и македонскиот идентитет и јазик, не само што се спротивни на европските принципи на еднаквост и меѓусебна почит, туку се потсетник на едни мрачни времиња кои Европа одамна ги има надминато.

2,458

Почитуван г. Радев

Претседател на Република Бугарија






Во мое лично име и во име на огромен број граѓани на Република Македонија, но пред сѐ во име на вистината, достоинството и европските вредности се обраќам со ова отворено писмо со цел да изразам сериозна загриженост, но и огорченост од вашите последователни изјави и дејствија кои директно го поткопуваат добрососедството, меѓусебната почит, регионалната стабилност и најважно, достоинството на македонскиот народ.

Вашите чести јавни настапи, кои се полни со условувања, закани и реторика на нетолеранција или поточно инсинуирана етничка супериорност кон Република Македонија и македонскиот идентитет и јазик, не само што се спротивни на европските принципи на еднаквост и меѓусебна почит, туку се потсетник на едни мрачни времиња кои Европа одамна ги има надминато. Вашите изјави не се случајни или пак дипломатски недоразбирања. Тие се систематска и намерна реторика на негирање и одбивање на признание за постоење на еден посебен народ, јазик и култура. Тоа не е европски став. Тоа е став на уцена и негирање, обвиткан во флоскули за наводен „европски компромис“. Ви ,,благодариме” но таквиот компромис го сметаме за неприфатлив и спротивен на основните демократски вредности.

Се прашувам: од каде потекнува оваа длабока нетрпеливост и омраза кон сѐ што е македонско? Дали е тоа страв од вистината, од историјата што не може да се избрише со резолуции, декларации и условувања? Дали македонскиот јазик и идентитет навистина се толку опасни за вас, што единствениот начин на дијалог е преку надменост, уцени и вето?

Говорите за права на Бугарите во Македонија, но заборавате да кажете дека токму под ваш притисок, се врши институционално негирање на македонските права, и во Бугарија и во дел од европската заедница. Говорите за компромис, но секогаш барате само едно: Македонија да се откаже од себе.

Г. Радев, вие растевте во Социјалистичка Република Бугарија, во време кога името на Георги Димитров се изговараше со почит, човек кој го призна македонскиот народ, јазик и идентитет. И вие тоа добро го знаете. Што се случи по патот од Димитров до денешниот Радев? Како дојдовте до точка каде што како претседател на една земја членка на ЕУ ги погазувате основните вредности на Унијата: почитта кон соседите, правото на самоопределување и самоиндентификација, можноста за дијалог и др.? На великанот Георги Димитров, вие и целиот бугарски народ му должите историско признание за искреноста, но тој денес сигурно би се засрамил од негирањата што ги промовирате и застапувате.

Вашите настапи во јавноста, вклучително и најновиот во врска со извештајот на АФЕТ, отворија простор за нови тензии, недобронамерни толкувања и тенденции кон историски ревизионизам. Наместо да не зближувате вие се секоја изјава се повеќе не оддалечувате едни од други. Вие тврдите дека во Бугарија имало „бран на негодување“ поради тоа што Европскиот парламент се изјаснил по прашања како „идентитет“ и „јазик“. Зарем почитувањето на човечкиот идентитет, мајчиниот јазик и правото на самоопределување се закана за европската иднина и за Република Бугарија? Или, всушност, не се плашите од Македонија и македонскиот народ, туку од вистината, г. Радев? А вистината е едноставна и не може да се негира: Македонија, македонскиот јазик, историја и култура беа, сé и ќе бидат реалност.

Во својата реторика често споменувате „права на Бугарите во Македонија“. Во ред нема проблем, но ајде да ве замолам да одговорите на неколку прашања за кои досега упорно молчите. Зошто Бугарија постојано одбива да го признае постоењето на македонското малцинство на својата територија?. Зошто поддржувате други народи да имаат право на самоопределување, но не и Македонците?. Зошто, и по повеќе пресуди од Европскиот суд за човекови права, не дозволувате регистрација на ОМО Илинден-Пирин? Знаете ли дека се работи за мирољубива и демократска организација што бара елементарни културни и малцински права. Зошто македонската заедница во Бугарија, која низ историјата била и најголемо малцинство (според Пописот од 1956 година речиси скоро 200.000 лица), денес е целосно избришана од политичкиот, правниот и културниот бугарски пејзаж? Како е можно за само девет години (Попис 1956 – Попис 1965 година) бројот на македонците во Бугарија да се намали на околу 9.000? И тука ќе престанам иако имам уште многу други болни прашања!.

Г. Радев, не е проблемот во вметнување на Бугари во Уставот на Република Македонија. Проблемот е неприфаќањето на македонскиот народ како рамноправен субјект во историјата и денешнината. Проблемот е во вашето неприфаќање на македонскиот јазик како мајчин јазик на еден народ кој постои, живее и мисли на македонски. Нема потреба да им робувате на историските предрасуди. Република Бугарија како балканска земjа членка на ЕУ и НАТО, има посебна обврска да изгради здрава и траjна основа на билатерални односи со своите соседи. Во таа смисла вие како прв човек на државата треба да бидете промотор и иницијатор политичарите и историчарите и сите ретроградни персони конечно да се оградат од  контроверзниот и идеолошко обоен документ на Бугарската академија на науките (БАН) oд месец ноември 1968 година („Историско-политичка информација по македонското прашање“) во кој се негира постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.

Ниту една држава во Европа не негува европски вредности со практикување на застарена идеологија и вокабулар. Бугарските политичари треба да се ослободат од неоснованата конструкција и стравот за наводни македонски територијални претензии. Им порачувам да престанат да се обременуваат со историските спорови и конечено да се ослободат од митологизираниот наратив (фантазма) што го опишува Македонизмот како најромантичен дел од бугарската историја, термин што го користеше и поранешниот претседател Петар Стојанов.

Г. Радев, дали знаете дека со вашиот вординг и однесување директно ги прекршувате: Член 2 од Договорот за Европската Унија, кој ги обврзува државите членки на почитување на човековото достоинство, демократијата и правата на лицата што припаѓаат на малцинства и Член 21 од Повелбата за основни права на ЕУ, кој јасно забранува дискриминација врз основа на етничка припадност, јазик, национално потекло или припадност на малцинство?

Г. Радев, не ми е јасно како можете да ги поддржувате украинските права на јазик и идентитет, а истовремено да го негирате постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура? Зарем тоа што ѝ го прават на Украина не е истото што некои бугарски политичари се обидуваат да ѝ го направат на Македонија?.

Постојано се заканувате со вето врз европскиот пат на Македонија. Сите знаеме дека тоа не е израз на искрена загриженост и европски чувства, туку акт на политичка манипулација од бугарска страна на која подлегнаа и некои членки на ЕУ. По кој пат треба да потсетам на Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан (6 февруари 2018): „Билатералните спорови не смеат да ја блокираат европската перспектива“  и на Заклучоците на Советот на ЕУ (18 јуни 2019): „Билатералните прашања не треба да бидат услов во процесот на проширување“.

Г. Радев зошто Ви пречи македонската држава и македонскот народ? Зошто Ви пречи македонската историја и нашиот прекрасен јазик? Има ли нешто што не ви пречи? Јас колку што знам, а мислам дека многу добро знам, Македонија не ви должи ништо. Вие како поранешен армиски генерал-мајор, човек кој магистрирал и докторирал мора да знаете дека никаде во светот никој не преговара за сопствениот идентитет и дека сопствената историја не се пишува по туѓ диктат.

Претседателе Радев, со вашите зборови и дела, вие не ја браните Европа, напротив ја срамите. Ја доведувате ЕУ да се срами од туѓиот, во случајов ваш срам. Исто така немојте да мислите дека со ваквиот Ваш однос ја заштитувате Бугарија? Не, не и НЕ – туку ја ставате во друштво на државите познати по својата историска нетолеранција кон различностите од кои Европа страдала со векови. И тоа ќе остане запишано во историјата, исто како што остана запишана и улогата на бугарска држава за време на Втората светска војна, кога на територијата на Македонија беше воспоставена власт под покровителство на Силите на Оската. Се работи за период кој денешните бугарски политичари и историчари се обидуваат да ја прикажат како наводно ‚,администрирање”, наместо со нејзиното вистинско име. Не е задача на денешните генерации да ја ‚,перат” или преработуваат таа историја, туку да ја признаат таква каква што била, да се извинат за сторените зла и трезвено без емоции да извлечат вистински европски поуки од неа.

Република Македонија не бара ништо што не е признаено и не е дозволено според меѓународното право. Бараме само да ги почитувате цивилизациските правните норми и да дозволите Македонија да оди напред, кон Европа, без да биде условувана да се откаже од себе. Зарем ова е премногу за барање во 21 век?.

Но, без разлина на сé, едно мора да знаете. Македонија ќе опстане. Македонскиот народ нема да се откаже од своето постоење. Вам г. Радев ќе ви заврши функцијата и ќе останете запаметен, не како градител на мостови, туку како претседател кој решил да го поткопува мирот на своите блиски соседи. Историјата нема да ве запомни по зборовите, туку по последиците од кажаните зборови.

И на крајот најискрено човечки и христијански ве замолувам. Престанете да ја градите бугарската политичка агенда врз негирање на туѓ идентитет. Бугарскиот народ нема да биде „повреден“ од вистината, но ќе биде деградиран ако се води од лаги, уцени и политички манипулации за дневна употреба. Историјата не може да се избрише. Народите не можат да се редефинираат по туѓа мерка. Европската иднина на Македонија не треба да зависи од нечија туѓа нетрпеливост и тесноградост.

Со длабока почит,

граѓанска искреност и непоколеблива решителност

Проф д-р Јове Кекеновски

Поврзани содржини