КИСЕЛА ВОДА СЛАВИ 70 РОДЕНДЕН Роџер Санчез доаѓа во Скопје
Покрај светски популарниот музичар на Културното лето ќе настапат и голем број македонски изведувачи кои ќе ја разубават четиридневната роденденска забава на општината.
Од утре, со низа македонски изведувачи и една од најпопуларните светски музички ѕвезди, легендата на хаус сцената и добитник на Греми награда Роџер Санчез, започнува Културното лето и одбележувањето на јубилејниот 70 роденден на општина Кисела Вода.
– Се работи за низа културно-забавни случувања кои започнуваат од утре, четврток и финишираат на 29 јуни. Културното лето ќе се одвива во четири вечери, на 26, 27, 28 и 29 јуни, на две локации – во Расадник (платото пред салата „Расадник“) и кај Крстот во Драчево – велат од Општината
Утревечер, од 20:30 часот Диџеј сет ќе имаат Диџеј Матс, Диџеј Ампов и Диџеј Деан Мискоски, а по нив, настапува мега популарниот светски артист и продуцент – Роџер Санчез.
Следејќи го концептот за шареноликост на музичките стилови и константност во однос на квалитетот на понудата, Културното лето на Општина Кисела Вода, утредента, на 27.06. со почеток од 20:30 часот продолжува кај Крстот во Драчево, каде ќе настапат КУД Китка, Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска и Каролина Гочева.
Во сабота, 28.06., исто од 20:30 часот во Расадник, ќе ве забавуваат Некст Тајм, 2Бона и Слаткаристика.
Во недела, денот ќе започне од парк ,,Македонија” во 10:30 часот, со богата детска програма во која се вклучени аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, а во игрите без граници ќе можат да се приклучат и децата кои ќе одлучат да дојдат на настанот како публика. Ќе има и многу музика за сите присутни.
Вечерта во Расадник, од 20:30 часот стартува финалната вечер.
За одличната забава ќе се погрижи Теа и 2Eгзит, а со стенд-ап ќе ве насмејат Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски.
Водители на настаните ќе бидат Сашко Коцев, Драгана Левенска, Миро Кацаров и Верица Донев.
– Поканети сте сите. Вашето присуство ќе ни значи многу — дојдете да се забавуваме и да создадеме прекрасни спомени заедно. Понесете го доброто расположение, а ние ќе се погрижиме за сè останато! Сѐ на свое место – истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.