ПРЕМИЕРОТ НЕЗАДОВОЛЕН ОД ИСПОРАКАТА НА ПРАВДАТА „Згрешивме што не бевме поагресивни со промените во Обвинителството и во судството“

Говорејќи за истрагата за трагедијата во Кочани, премиерот истакна дека нема да даде квалификации во врска со случајот, со цел да не влијае на истражната постапка, но сепак не се воздржа од општа критика кон правосудството.

2,105

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија изјави дека владата можеби направила грешка што од самиот почеток не пристапила поагресивно кон процесот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Како што истакна, постоела надеж дека ќе преовлада јавниот интерес, но таа надеж не се остварила.

– Згрешивме што можеби малку не бевме од самиот почеток поагресивни. Мислевме дека ќе проработи менталитетот, чувството, дека ќе заборават на партиските и бизнис стопани и дека единствен стопан ќе биде интересот на народот. Можеби тоа беше нашата грешка и таа перцепција претежнува кај народот – рече Мицкоски.






Тој посочи и на контрадикторните пораки што доаѓале од опозицијата – најпрво обвинувајќи ја владата за притисок врз правосудството, а потоа и за наводна спрега со обвинителите.

– Чудни се пораките кога прво не обвинија дека вршиме притисок врз правосудството со обидот за разрешување на републичкиот обвинител, а потоа нè обвинуваа дека сме во спрега со него и обвинителите, дека ние одлучуваме кого ќе гони обвинителството за пожарот во Кочани, а кого не – додаде премиерот.

Мицкоски порача дека институциите мора да дејствуваат независно, но и со одговорност, со цел да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Премиерот испрати јасна порака до правосудните органи – нема да престане да ги критикува судиите и обвинителите сè додека не се забрза испораката на правдата и не се врати довербата на граѓаните во системот.

Говорејќи за истрагата за трагедијата во Кочани, премиерот истакна дека нема да даде квалификации во врска со случајот, со цел да не влијае на истражната постапка, но сепак не се воздржа од општа критика кон правосудството.

– Јас не би давал квалификација колку сум задоволен или не сум задоволен во овој момент, од проста причина дека била каква моја квалификација може да биде сфатена како некакво влијание. Сепак, кога претседател на Влада ќе даде некаква квалификација за одреден случај, тоа може да се смета како влијание – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека и покрај вниманието околу тоа како се толкуваат неговите изјави, нема намера да молчи за проблемите во судството.

– Не ми пречи да го сфатат она мое укорување во мојот вчерашен говор, кога кажав дека не сум задоволен од брзината на испорака на правдата во обвинителството и судството. Затоа што тоа е генерална перцепција и генерално чувство кај граѓаните – додаде премиерот.

Мицкоски истакна дека спората правда и нееднаквиот третман пред законот се меѓу најслабите точки на македонското општество.

– Тоа е сè уште слабата страна на ова наше општество, спората правда и чувството дека нема правда за сите подеднакво. И тука треба сите заедно да работиме – заклучи тој.

Поврзани содржини