ВЕЧЕР СО ПИСАТЕЛОТ ВЛАДО ЈАНЕВСКИ Живее во Сиднеј, се инспирира од бројните патувања низ светот
Како автор за деца, Владо Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој повеќе од две години редовно се објавува во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“.
Низ разговор за трите негови последни романи, утревечер со почеток во 19 часот ќе биде претставен писателот, поет, сликар и стрип-автор Владо Јаневски во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија. Станува збор за романите „Кој го уби Едгар Алан По“ („Или-Или“, 2024), „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, 2020). Промоторка ќе биде Ана Пејчинова, а извадоци од делата ќе чита Емилија Тодорова.
Трите романи се само дел од обемното творештво на Јаневски кој од 1989 година живее во Сиднеј, а инспирација за пишување најчесто му се многубројните патувања низ светот. Неговото творештво се одликува со мултижанровски пристап, а делата му се често проткаени со елементи на магичен реализам.
Владо Јаневски досега ги објавил и романите: „Чудо зад аголот“ („Пагома прес“, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, 2004); збирката раскази „Нема враќање“,(„Студентски збор“, 1985), како и збирката поезија „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, 2024). Објавил две книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, 2023) и „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), а застапен е и во неколку збирки за современи бајки. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои се и наградите за краток расказ на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“, наградата за најдобар роман, „Пегаз“, за најдобра поетска збирка „Стојан Христов“, за најдобро сценарио за долгометражен филм „Скрипт Фест“ и за најдобри бајки „Современи бајки од Македонија“. Ја добил и наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ во 2024 г.
Годинава романот „Кој го уби Едгар Алан По“, беше во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ на ДПМ и во потесен избор за наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“. Како автор за деца, Владо Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој повеќе од две години редовно се објавува во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“. Тој се занимава и со сликарство, а учествувал и на повеќе ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји.