„СДСМ ЈА ДОВЕДЕ ДРЖАВАТА ДО РАБ НА БАНКРОТ“ Жестока реакција од ВМРО-ДПМНЕ за трибината на опозицијата
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека економијата била катастрофално водена од страна на СДСМ, јавниот долг скокнал од 47% на 65%, а земјата се соочувала со неликвидност.
По денешната трибина на СДСМ под наслов „Македонија понижена – една година Влада“, од ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа, нарекувајќи ја иницијативата „лицемерна и цинична“, со потсетување на долговите и кризите што, како што велат, биле оставени зад себе од претходната власт.
„Лицемерно е СДСМ да зборува дека Македонија била понижена, бидејќи токму таа партија ја донесе државата до раб на банкрот. За тоа што го направија во изминатите 7 години ќе треба многу време да се исправи, но ние имаме доверба од граѓаните да доведеме ред“, се вели во реакцијата.
Од партијата истакнуваат дека економијата била катастрофално водена, јавниот долг скокнал од 47% на 65%, а земјата се соочувала со неликвидност.
„Нека ги прашаат Филипче и Заев каде ги однесоа украдените пари од буџетот. Додека тие инвестираа во висококатници во Дубаи, ние ја направивме македонската економија четврта по раст во Европа“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ја обвини СДСМ за негрижа кон земјоделците и работниците додека беа на власт.
„Во нивно време земјоделците протестираа секојдневно, субвенциите не се исплаќаа, а платите во државни претпријатија доцнеа со месеци. Денес има навремени исплати и рекордни 9 милијарди денари субвенции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувањата не застануваат тука. СДСМ, според партијата, ја оставила државата со незавршени инфраструктурни проекти, како Кичево–Охрид, кој за 7 години напреднал само 10%.
„Сега имаме договори што се транспарентни и јавни, а не договори во четири очи“, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На темата здравство и образование, од ВМРО-ДПМНЕ додаваат:
„Денес учениците имаат учебници, за разлика од времето на СДСМ. Болници не изгоруваат поради анекси за провизии, а постојат историски договори со здравствени работници“.
Од партијата велат дека се градат нови факултети, се реконструираат студентски домови и младите добиваат конкретна поддршка – како на пример 250 евра за електронски уред од септември.
За судството и безбедноста, обвинуваат дека под водство на СДСМ „се делеле пасоши на криминалци и се унапредувале судии од партиски тефтерчиња“.
„Македонија е повторно на патот на изградба, со над 1.200 градилишта, нови градинки, училишта и патишта“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„Со дела, не со соопштенија. Со ред, не со хаос. Македонија е повторно твоја!“