ВЕЛИБОР МОЖЕБИ ИЗМИСЛИ УШТЕ ЕДНА ПРИКАЗНА СО ИМЕТО НА КРИЈАЧОТ НА ПИШТОЛОТ Страшевски не му верува на Манев, бара слобода за Палчо

Обвинителсвото не изведе ниеден доказ против Палевски, никаде нема негова ДНК или друга трага дека тој е сторител на делата, па затоа, ние одбраната ја сведовме на тоа дека судот треба да донесе ослободителна пресуда поради немање докази, рече Страшевски.

3,610

Адвокатот Јовица Страшевски, кој е бранител на Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, по завршувањето на главната расправа изјави дека очекува Кривичниот суд да го ослободи неговиот клиент затоа што против него нема докази.

– Постапката како што тргна, така и заврши, на лош и нечесен начин, со многу слабости во целата процедура и со слабости на Обвинителството. Видовте дека ниеден доказ не се изведе против Палевски, никаде нема негова ДНК или друга трага дека тој е сторител на делата. Па затоа, ние одбраната ја сведовме на тоа дека судот треба да донесе ослободителна пресуда поради немање докази – рече Страшевски.






Во врска со тоа дека второобвинетиот Велибор Манев во својот завршен збор го откри идентитетот на човекот кој по убиствата ги скрил или ги уништил пиштолот и моторолите што се користени при злосторствата, извесен Зоран Давитков, техничар во Народната банка, кој сега е уапсен, Страшевски рече дека и тој самиот уште пред неколку месеци како бранител на Палевски побарал да се испита Велибор во врска со тоа лице.

– Јас и тогаш инсистирав тоа лице да биде откриено, а за жал, дури во завршен збор беше откриено неговото име. Јас тоа лице не го познавам, но на Велибор Манев не му верувам ништо од тоа што го зборува. Можно е ова да е уште една негова приказна, со цел да заглави уште некој во целиот процес. Го прашав Палевски во судницата откако Манев му го откри името, а Палевски ми кажа дека такво лице не постои – изјави Страшевски.

Манев кога сведочеше во март, рече дека по злосторствата Палевски му се јавил од турска граница и му наредил да го предаде, како што рече „пакетот“ на извесно лице, за тој да се погрижи за него. Манев во сведочењето рече дека нема да го открие идентитетот на тоа лице, затоа што е семеен човек и не сака да му наштети. По ова сведочење на Манев, кое упатуваше на тоа каде е пиштолот, Обвинителството не презеде ништо. Обвинителството до денес не го пронајде оружјето со кое се извршени убиствата на Вања и на Панче. На новинарско прашање од Плусинфо зошто не го повикаат Манев да им го открие идентитетот на семејниот човек што крие оружје, обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска одговори дека тие и без пиштолот имаат доволно докази и дека не било сериозно да придаваат значење на искази на обвинет во судница!

Поврзани содржини