СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ТРАМВАЈ, ВОЗ И НОВИ АВТОБУСИ Николоски најави голема револуција во јавниот превоз
Според министерот Николоски со реализацијата на овие три проекти, загадувањето од возилата во главниот град ќе се намали драстично.
Градски воз, еколошки автобуси и трамвај се трите клучни проекти што ќе го трансформираат јавниот превоз во Скопје и ќе го намалат загадувањето, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“.
– На помалата верзија за проектот градски воз работиме со сопствени средства, додека подолгата е дел од т.н. британски проект. Тоа значи дека дел од брзата пруга ќе биде и големата верзија на градскиот воз во Скопје – истакна Николоски.
Тој најави и ексклузивна информација за замената на старите автобуси.
– Излезе повикот за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 ќе бидат за Скопје. Тоа е огромен чекор напред – рече тој.
Третиот столб во реформата, според Николоски, е воведувањето трамвај како трајно решение за дел од градскиот сообраќај. Според него, со реализацијата на овие три проекти, загадувањето од возилата во главниот град ќе се намали драстично.
Министерот најави и мерки на Владата за справување со аерозагадувањето од затоплувањето на домовите, споменувајќи нова амбициозна агенда што треба да донесе парно греење до што поголем број домаќинства.