ОД ГИМНАЗИЈАТА НОВА ДО ПОЛИТИЧКИ СТУДИИ ВО ВИЕНА Предизвиците за Теодора Ристеска-Даскаловски продолжуваат на престижниот Централноевропски универзитет

Со нејзиниот импресивен ангажман во училишните клубови и лидерски позиции, Теодора ја избра токму оваа високорангирана институција, благодарение на нивните предизвикувачки интервјуа преку кои ги тестирале нејзините способности за критичко размислување.

1,282

Теодора Ристеска-Даскаловски e уште една успешна матурантка од Меѓународното училиште НОВА, која по средношколските клупи, избра да студира Политика, филозофија и економија на престижниот Централноевропски универзитет (CEU) во Виена, и покрај другите универзитети на чија приемна листа веќе била. Со нејзиниот импресивен ангажман во училишните клубови и лидерски позиции, Теодора ја избра токму оваа високорангирана институција, благодарение на нивните предизвикувачки интервјуа преку кои ги тестирале нејзините способности за критичко размислување.

Аплицираше на врвни универзитети низ Европа, Велика Британија и САД. Како изгледаше процесот на аплицирање за тебе? Како се подготвуваше и што научи од тој пат?






– Бидејќи бев ученик во НОВА, академските советници/професори во училиштето го поддржуваа процесот на аплицирање на универзитети. Дури и пред да почнеме да размислуваме за процесот на аплицирање, нашите советници држеа задолжителни часови каде што ги објаснуваа различните компоненти на апликацијата за универзитети низ целиот свет. Ова ни овозможи да создадеме краток список на институции кон кои се стремиме да аплицираме кога ќе дојде време. Лично, аплицирав на 15 универзитети во Европа, Велика Британија и во САД. Секоја апликација имаше свои особености и правила, кои беше важно да се почитуваат. Долго време се задржав на есејот, како најважна компонента во процесот на аплицирање. Сè додека не почувствував дека ме одразува мене и моите особености, упорно работев на неговото подобрување. Верувам дека и тоа ме доведе до прифаќањето на светски познати универзитети, како што се Универзитетот во Единбург (University of Edinburgh), Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), Централноевропскиот универзитет (CEU) и други. Низ целиот овој процес научив дека не е една иста ситуација за сите, туку дека секој од нас ќе има уникатен начин да ја раскаже својата приказна, а тоа е најважниот дел од процесот, бидејќи се пронаоѓаш и се претставуваш себеси за првпат како возрасен човек и активен член на општеството.

Што беше пресудно за тебе во изборот на универзитет? Кои прашања или програми те убедија дека CEU е вистинското место за твојот академски развој?

– На CEU аплицирав на програмата Политика, филозофија и економија, со цел да стекнам интердисциплинарно образование што ќе ми овозможи кариери во различни области. Дополнително, сфатив дека не може да има добар политиколог што не е добар економист и филозоф, и забележав како сите три предмети се совршено испреплетени, создавајќи основа за успех. Во врска со причината зошто го избрав CEU, направив длабинско истражување за курсевите што се нудат, финансиските трошоци, светската ранг-листа, кампусот и студентскиот живот за сите универзитети каде што бев примена. Потоа направив листи на предности и недостатоци, што ми помогна да го стеснам мојот избор. На крајот, се одлучив за CEU поради неговите светски познати професори, кои се активни во своите области, неговиот висок ранг во политичките науки и локацијата. Генерално, CEU не само што ги исполни моите барања туку и ги надмина. Дополнителна причина беше тоа што за време на интервјуто, кое имаше цел да ги процени моите вештини за критичко размислување, навистина се чувствував предизвикана, а професорите што го спроведоа интервјуто ме натераа да ја разгледам темата од поинаква перспектива, што беше интересно и ми се немаше случено дотогаш.

Твоето средно училиште НОВА се покажа како добра основа за натамошниот пат. Кои предмети и програми најмногу влијаеа врз твојот избор да се насочиш токму кон овие важни професии?

– Во НОВА ја следев програмата IB (Меѓународна матура), каде што имав можност да полагам историја и психологија, два предмета што имаа длабоко влијание врз моите интереси. Преку овие предмети развив силни вештини за критичко размислување и стекнав подлабоко разбирање на човековото однесување и на историските контексти, кои продолжуваат да влијаат врз мојата перспектива денес. Овие два предмета заедно со можноста да полагам часови по самостојно учење преку програмата AP (Advanced Placement), каде што имав макроекономија и компаративна политика, го разбудија мојот интерес за универзитетскиот курс по избор, политика, филозофија и економија.

Имаш импресивна листа на воннаставни активности и лидерски позиции во НОВА. Кој клуб или активност ти даде најмногу за да го развиеш критичкото размислување? Што мислиш дека најмногу ги убеди универзитетите да ти понудат прием? Активностите, академските успеси или нешто друго?

– Моите најимпресивни воннаставни активности би биле мојата позиција како советник на Adolescent Girls Advisory Council of the Global Fund for Women, кој се состои од 12 девојки од целиот свет, кои одлучуваат за координирање на финансирањето на движења и организации. Таму соработував со членови на одборот од Балканот и се залагав за правата на жените во Македонија и во странство. Друга активност за која верувам дека ме издвои од другите апликанти беше Robotics Educational Outreach Program (REOP), поддржана од ЕУ, која обезбеди бесплатна едукација за роботика за ученици од јавните училишта низ целата земја. Во REOP, работев како координатор на проекти, држев часови за програмирање и градење роботи и им помагав на учениците да ги основаат своите клубови за роботика, на кои им дониравме комплети за роботика и наставни материјали. Покрај тоа, работев како дел од тимот за односи со јавноста за Македонската унија на средношколци на развој на универзитетска платформа за советување, која им обезбедуваше информации за аплицирање на ученици на кои им недостасуваше соодветна советодавна поддршка. Верувам дека овие искуства заедно со моето волонтирање беа она што доведе до моето прифаќање на универзитет. Секако, сето ова беше зајакнато со мојот академски успех и самата апликација.

Што би им препорачала на твоите врсници и на сите ученици што размислуваат за студии во странство, но не знаат од каде да почнат? Колку е важно да се биде активен уште во средно училиште?

– Според мене, за процесот на аплицирање е најважно да се истакнеш и да се вклучиш на иницијативи што те интересираат и те збогатуваат со искуства и знаење. Мислам дека секој што сака може да го постигне она што го имам јас, сè што е потребно е страст, волја и малку тврдоглавост за да се надминат тешкотиите. Што се однесува до тоа да се биде активен, верувам дека е многу важно не само за аплицирање на универзитет, туку и за да се пронајдеш себеси како личност.

Во текот на средното образование си се развивала и како личност со јасни вредности и визија. Што најмногу те обликуваше и кои лекции ќе ги понесеш со себе во Виена и понатаму во животот? Кои се твоите главни мотивации што би ги споделила со нас?

– Во текот на средното образование најмногу ме обликуваа средините во кои се поттикнуваа љубопитноста, критичкото размислување и соработката. Преку IB-програмата имав можност да се соочам со предизвици што бараа длабоко разбирање, истражување и аргументација, кои ме научија како да ги согледувам светот и луѓето од повеќе агли. Волонтерството, училишните проекти и работата во тимови ме научија на одговорност, емпатија и значењето на активната вклученост во заедницата. Преку тие искуства сфатив дека моите вредности се засновани врз правичност, толеранција и стремеж кон позитивна промена. Во Виена ќе ја понесам желбата да продолжам да растам академски, но и како личност. Ме мотивира идејата за интеркултурна размена, можноста да учам во динамична и меѓународна средина и да придонесам со својот глас и искуство. Сакам да бидам дел од заедница што вреднува дијалог, знаење и етичко лидерство, коишто се вредности што и мене ме водат.

Поврзани содржини