ЧАРЕТО ЗА ПРЕСПА Е ВО КОМПОСТ, СЕЛЕКТИРАЊЕ И ВО МАКОТРПНА ОБУКА Еве како стојат работите во регионот кој бара спас од отпадот и од пестицидите

Главниот проблем за заживување на компостарата, но и за Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ во Ресен е возниот парк, а опшината веќе е во преговори за набавки преку ИПА проект, велат надлежните. Компостирањето ќе значи нова култура на одлагање на отпадот и органско производство, што влева надеж дека ќе се користат помалку пестициди кои се клучниот загадувач.

1,512

Заживување на компостарата за биоотпад по 7 години во Ресен, масовни акции за чистење на 38 диви депонии кои можат да „никнат“ по еден месец, најмалку 2.300 корпи за селектирање отпад како првичен чекор и масовна едукација на населението и на компаниите може да биде почеток на една нова кружна економија за спасување на Преспанскиот регион од загадувањето.

Акцијата „Преспа? Разбуди се“ која се одржа пред две недели беше место на кое се огласија добрите вести, во исто време кога регионот е во центарот на вниманието поради најавеното реновирање на граничниот премин Маркова Нога со Грција.






Накратко, чарето за 8-15.000 тони биоотпад во Преспанскиот регион е негово претворање во корисно природно ѓубриво кое потоа ќе можат да го користат јаболкопроизводителите, нешто што веќе е испробано со постројки за машински или за индустриски компостари во неколку општини во Македонија.

Користењето компост ќе значи помалку користење пестициди кои се главен загадувач на регионот, на Езерото и на Паркот на природата Езерани и бавен преод кон органско, интегрирано производство, нешто за што ќе бидат потребни макотрпни обуки.

– Ја фрлаат и амбалажата, и така се загадува. Со самото прскање на нивите се загадува. Не знам дали тие пестициди се на некаква зелена листа, но пестицид е пестицид. Постојат подобри начини на производство. Во интегралното производство тие не се задолжителни, туку се употребуваат во контролирани количини само во критичен момент. Знаеме дека со лабораториски испитувања беше најдено загадување – вели јаболкопроизводителот Панде кој вели дека самиот почнал да се откажува од користењето пестициди, но дека проблем се пестицидите од нивите на соседите.

Фото: Принтскрин

Согорувањето на вишокот прачки од кроењето на јаболкниците заради заштита од штетници е уште еден тежок проблем, се наведува во Планот за управување со Преспанско Езеро подготвен од Општина Ресен за периодот од 2020 до 2030 година.

Но, она што е ново во случајот со Преспа е дека, всушност, 74% од биоотпадот од земјоделците во регионот е поврзан со остатоците од бербата на јаболка. Ова значително би ги олеснило работите за комуналното претпријатие, иако проблем ќе останат пестицидите и комерцијалниот отпад меѓу кој и пластиката, стаклото, металот, батериите…

Од Министерството за животна средина велат дека пред да се одлучи колку корпи ќе се набават направена е студија за физибилност која ги дала насоките. Тие велат дека патот е веќе трасиран, од Национална стратегија до регионални планови за управување со отпадот.

Оттаму велат дека „за жал и, покрај обидите за нивно чистење, повторно се појавуваат“, но дека со проектите „ЕУ за Преспа“ и „Регионално управување со отпад“ состојбата значително ќе се подобри.

Нема доволно возила, но има донации  

На терен работите изгледаат покомплицирани. Додека градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски вели дека општината и Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ веќе се во преговори за набавки преку ИПА фондови и меѓугранична соработка со Грција за заживување на компостарата, прв горлив проблем е возниот парк на претпријатието.

Иако ЈКП „Пролетер“ собира 3.800 тони отпад годишно, освен градот, претпријатието покрива само 61% од селата околу Ресен. Директорот на претпријатието Марсел Русу уверува дека засега сите правни и физички лица се услужени со канти и дека најмалку еднаш неделно се собира ѓубрето.

И покрај тоа, вели тој, има потреба од многу повеќе селектирање.

– Проектот за компостарата е одобрен. Компостот ќе завршува на нивите. Пластиката и хартијата ги селектираме и ги даваме на овластени постапувачи. Да почнеме со добри 50% за селектирање е добар почеток. Заедно со двете нови возила сега има 4-5 возила во возниот парк на претпријатието. Менувањето на возниот парк не оди преку ноќ. Имавме донации. „Пролетер“ има 8 дејности и 70-тина вработени. Во надлежност ни се и водоводот и пумпните станици… Ќе влеземе со едукација во сите институции, во секој дом – вели Русу.

Фото: Плусинфо

Слабо селектирање, 3 инспектори и 24 депонии 

Градоначалникот на Ресен најавува дека за еден месец општината со помош на проектите на ЕУ ќе направи повик и заедно со граѓаните ќе исчисти уште 24 депонии. Тој признава дека општината има само тројца инспектори, дека помош има од институциите, но дека секогаш може повеќе.

– Инспекторите пишуваат казни, но не можеме сите да ги санкционираме. Ќе пробаме со проект за снимање на ваквите локации и со облагородување на овие површини да им дадеме до знаење на граѓаните за селекцијата на отпадот. Покрај тоа, ја укинавме таксата на постоечката градска депонија. Ќе навлеземе со сите наши капацитети, ќе дадеме сè од себе. Досега најдовме 34 вакви депонии од кои 8 ќе бидат чистени со овој проект на Македонското еколошко друштво и на здружението Еко Герила Преспа – вели тој.

Она што во моментот го спасува Ресен од преголем отпад од јаболка, според директорот на комуналното претпријатие Марсел Русу е цената на јаболката која расте во последните 5 години и, како што вели, овоштарите го продаваат на овластени купувачи.

– Се надевам дека ќе се задржи трендот на висока цена – вели тој и демантира дека околу 2 тони годишно од отпадот од јаболка бидуваат фрлени.

Сите бараат обука, амбициозните компостираат сами

Едукацијата за употребувањето на компостарите е клучна во процесот. Земјоделците велат дека би се вклучиле во процесот, но само со едукација, додека градењето сопствена компостара во нивите со базени е поскапо и е речиси невозможно за нив.

Јаболкопроизводителот Панде вели дека би било одлично земјоделците да добиваат ѓубриво од општината, но и да не добиваат пак ќе биде добро за средината.

Од друга страна, компостирањето не се чини невозможно за приватни компании кои на своја иницијатива сакаат да ги подобрат работите. Госпоѓа Елена Митановски од кафе-барот „Млад турист“ раскажа за амбициозните планови на кафулето кое направило своја компостара.

– Ние дневно трошиме многу кафе и планираме да го носиме на компостара, а од храна планираме да произведуваме ликери и џемови. Започнуваме со воведување храна во која ќе има минимален остаток на отпадоци. Стаклото веќе го селектираме, органскиот отпад планираме да го рециклираме, односно отпадоците да ги носиме во компостара, да ги вратиме како хумус во градините и така да има нула отпад – вели Митановски.

Фото: Плусинфо

Не е тешко да се започне со компост

Таа објаснува дека во регионот се произведуваат и органски јаболка и дека кафулето има договор со токму такви земјоделски задруги. На прашањето колку е исплатливо да се рециклира таа вели:

– На почетокот е мала инвестиција. Понатаму планираме да го рециклираме и отпадот од другите локали. Но, прво да стигнеме од наш производ кој ќе најде место во градините.

Според неа, за ова да се претвори во вистински синџир меѓу угостителите потребни се обуки, а не само интерен договор меѓу нив.

– Свеста ни е на ниско ниво. Првиот интерес на сите чинители е економски, што е нормално. Потребни се обуки и средства од општината. Ако се остават сами на себе не значи дека луѓето ќе го почитуваат тоа. Друго е ако е наложено од инспектор. Или, како што Министерството за животна средина ни предложи да склучиме договор со Пакомак. Мислам дека тоа што го прават Општината и здружението Еко Герила Преспа е многу добар почеток на една нова приказна. Треба одговорност од сите чинители – додава Елена.

Загадувачот плаќа, така е во Европа

На прашањето дали се можни субвенции за компостирање или рециклирање, од Министерството за животна средина и просторно планирање сметаат дека не постојат пречки угостителите да се вклучат во оваа кружна економија на рециклирање по принципот „загадувачот плаќа“.

– Согласно националното законодавство нема субвенции за управување со отпад туку се применува начелото „загадувачот плаќа“ и „проширена одговорност на производителите“. Ова се принципи преземени од ЕУ регулативата за отпад. Не постои никаква пречка сегментот ХОРЕКА да ги имплементира овие активности (селекција, предавање на рециклирачи и друго) – велат оттаму.

Според овој принцип, граѓаните, од друга страна, иако не се директно казнувани, плаќаат тарифи според создадениот отпад, на пример системот „плати колку што фрлаш“ – PAYT).

Принципот е вграден во член 191(2) од Договорот за функционирање на ЕУ (TFEU) и е регулиран преку Рамковната директива за отпад (2008/98/EC).

Како е во Ресен? Досега, само 3 угостителски објекти вовеле алатки за циркуларна економија во Преспа.

Според информациите на здружението Еко Герила Преспа, околу 30 хотели и угостителски објекти (од кои дел сезонски) се грижат за плажите, поставуваат корпи за отпадоци, но угостителскиот сектор и локалните пазари (20 мали и 10 големи) создаваат големи количини органски отпад, со кои тешко се справуваат.

Селектирањето стакло во Преспа е само делумно решено во соработка со компанијата Пакомак која во градот поставила свои контејнери и склучила договори за овој тип отпад. Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски најави дека во првата фаза ќе бидат поделени 2.300 контејнери за селектирање електронски отпад, стакло и хартија и дека се потпишани договори со речиси сите колективни постапувачи во Македонија.

Ресен, како и многу други општини низ Македонија, ја чека својата регионална депонија. Во моментот, општината и комуналното претпријатие ги здружија силите за да ги убедат граѓаните да го одлагаат отпадот на едно место, на градската депонија.

Националниот план за управување со отпад 2021-2031 предвидува воспоставување на 5 региони за отпад со 5 регионални депонии.

Кој ќе ги селектира пестицидите?

Но, што се случува со агропестицидите? Засега не постои јасен план за нивно селектирање настрана од другиот отпад. Миењето на возилата на земјоделците во Езерото и фрлањето пестициди во Езерото прави еутрофикација, па дури и мутација на рибите, покажуваат испитувањата.

Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа вели дека агропестициди се среќаваат во речиси секоја депонија и дека сериозно треба да се размисли за нивно селектирање. Но, истакнува таа, немањето совест останува дури и кога корпите се поставени пред самите домови.

Градоначалникот Тозиевски посочува дека тоа во иднина ќе биде задолжителна задача.

– Ќе биде задолжително да ги отвораме. Ние и немаме можност да ги третираме најопасните пестициди, туку само тие на зелената листа. Ако ме прашате мене како човек, не би сакал пестицидите да бидат во контакт со останатиот отпад – додава Тозиевски.

Тој вели дека неколкуте пунктови низ Преспа кои се наменети за одлагање на овој опасен и токсичен отпад се злоупотребуваат и во нив се фрла сè – од кревети до градежен шут. Според него, пестицидите кои се користат и набавуваат во Македонија се истите одобрени во ЕУ, но главниот проблем останува возниот парк на компостарата.

– Ние веќе имавме проект кој функционирашe. Собиравме органски oтпад кој го преработувавме и го враќавме на полињата, во соработка со живинарска фарма. Основата на компостарата е поставена. Средства најмногу во овој момент би ни требале околу обновување на возниот парк за компостарата. Oчекувам дека со рестартирањето на таа компостара, повторно ќе се вратиме до тој циркуларен систем на управување со отпад, со тоа што тоа би било награда за земјоделците што ќе го донесат тој отпад, назад да им се врати како органското ѓубриво за овоштарниците – додава градоначалникот.

Министерството за животна средина има регистар на сите диви депонии во земјава, што треба да го олесни нивното чистење. Според студија на Државниот завод за статистика од 2024 година, во Македонија има десетици општински депонии, но повеќе од 1.000 диви депонии во руралните средини.

„Ниту една од 54-те општински депонии не ги исполнува стандардите за заштита на животната средина“, се наведува во Националната стратегија за управување со отпад.

Според информациите во текстот, количината опасен земјоделски отпад во Македонија се проценува на 3.400 до 5.000 тони.

„Отпадот привремено се складира во очекување на извоз за горење. Најдоброто решение за овој вид отпад е да се организира согласно принципот на проширена одговорност на производителите (ПОП)“.

Фото: Плусинфо

Дали се користи хлор во пестицидите во Преспа?

Често употребуваниот пестицид во регионот е цаптан кој во својата молекула содржи хлор. Ова се споменува во Планот за управување со Преспанско Езеро подготвен од Општина Ресен за периодот од 2020 до 2030 година.

Хлорните соединенија како диоксини и фурани се во воздухот. Депониите мирисаат.

Според Законот за заштита на растенијата, Северна Македонија ги интегрира барањата на европската Директива 91/414 за дозволени активни супстанции. Иако хлорпирифос (chlorpyrifos) е забранет во ЕУ од 2020 година поради невротоксичност, тој сѐ уште се појавува во земјоделската пракса.

Во 2024 година, Хрватска одбила неколку пратки со македонски зеленчук поради остатоци од хлорпирифос над дозволеното – примероци од моркови, пиперки и мешан зеленчук покажале вредности до 0,055 mg/kg.

Пред биоотпадот да стигне во компостарата, мора да се провери дали потекнува од третирани или од нетретирани растенија. Остатоците од ниви или овоштарници што се прскани со пестициди нема да смеат да се мешаат со чист биоотпад.

Всушност, агропестицидот би можел понатаму да се третира со други методи како биобеди, биоремидијација или инсенерација, нешто што во моментот кај нас уште не е присутно.

Секако, голем удел би имало селектирање на пластичните амбалажи на пестицидот кои се фрлаат по патиштата меѓу нивите.

Дали компостот може да биде замена за агропестициди?

Не директно, но делумно да. Компостот не е пестицид и не ја убива болеста или штетникот, но ја подобрува почвата, што овозможува поотпорни растенија. Исто така му го подобрува имунитетот на растението.

Компостот не може да ги замени фунгицидите и инсектицидите во комерцијалното производство јаболка, но може да користи во системи на органското, интегрирано производство, каде што се комбинираат биолошки, механички и хемиски методи.

Значителна количина на агрохемиски отпад, како 4.050 литри пластични шишиња, 3.950 килограми картонска амбалажа од пестициди и 937 килограми алуминиумски амбалажи од пестициди за време на прскачките сезони, содржат високотоксични супстанции и други хемикалии за заштита на насадите, наведуваат од здружението Еко Герила Преспа.

Компостарите – иднина за Македонија?

Според информации на „Зелен хуман град“, од 60 до 80% од вкупниот комунален отпад во Македонија е органски, но не целиот е разградлив. Се смета дека во главниот град Скопје годишно се формираат 40 тони биоотпад кој завршува на „Дрисла“, единствената регионална депонија.

Ресен беше првиот град во Македонија кој во 2014 година доби компостара вредна милион евра, но објектот престана да работи во 2017 година. Објектот беше прв од овој тип во регионот.

Потоа Пробиштип доби компостара со две современи машини со капацитет за разградување од по 60 тона годишно.

Во јули 2021 година Аеродром стана првата општина во земјава која доби ваков објект. Компостарата има дневен капацитет за преработка на 2 тона биоотпад, со можност овој капацитет да се надградува. Како краен продукт се добива високонутритивен компост со кој ќе им се помогне на земјоделците и на урбаните градинари во одгледувањето на нивните билки.

Компостара во 2024 година доби и Кавадарци. Во октомври истата година во Општина Илинден беше презентиран проект за управување со органски отпад со компостара за таа општина.

Фото: Град Скопје

Што планира Министерството за биоотпадот?

Во Македонија, биo-отпадот сочинува значителен дел од вкупниот комунален отпад – околу 45 %. Според податоците од Националниот план за управување со отпад 2020–2030, количината на био-отпад е проценета на 45,3 % од вкупниот комунален отпад.

UNDP исто така наведува дека во Скопје биo-отпадот е околу 45 % или 46%.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) преку „Програма за финансиска поддршка за посебни текови отпад“ со вкупен буџет од 131 милион денари во 2025 година, директно ги финансира мерките за третман и компостирање на биоразградлив отпад, особено во општините кои воведуваат сопствени комунални и регионални системи за селекција и за преработка.

Во планот се наведува дека до 2030 година во земјата треба да има барем 3 постројки за третман на одделно собран био-отпад.

Во Националниот план за управување со отпад (2021–2031) се дефинирани и други важни активности: изградба на инфраструктура за селекција и преработка на градинарски и органски остатоци, имплементација на регионални системи за отпад на формат на меѓуопштински центри, редовно едуцирање на јавноста и периодична ревизија на планот (прва ревизија во 2026 година).

 

Со оваа содржина, Плусинфо ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

Поврзани содржини