ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ЛИ ВМРО-ДПМНЕ ОД КУМАНОВО ВО КОРИСТ НА ЗНАМ? Се редат коцките за локалните избори
Прашан дали има прелиминарен договор со ВМРО-ДПМНЕ за негова поддршка во Општина Куманово, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски рече дека се водат интензивни разговори на таа тема и нагласи дека неговите очекувања се да се постигне таков договор.
Дефинитивно за одредени градови ќе имаме предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ или поддршка со реципроцитет на едните или другите кандидати, на едната или другата политичка партија, посочи вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој ќе се кандидира за уште еден градоначалнички мандат.
Во гостување на централниот дневник на телевизија Сител, Димитриевски истакна дека на претстојните локални избори кои треба да се случат наесен, ЗНАМ ќе трча со свои кандидати за градоначалници, додека ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со свои кандидати, но, вели, дефинитивно за одредени општини ќе има предизборна соработка.
– ЗНАМ трча со свои кандидати, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со свои кандидати. ЗНАМ трча со сопствени советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со нивни советнички листи, но дефинитивно за одредени градови ќе имаме предизборна соработка или поддршка со реципроцитет на едните или другите кандидати, на едната или другата политичка партија. Начелно ова се разговара, а епилогот од разговорите ќе следи и ќе го објавиме официјално – посочи Димитриевски.
Прашан дали има прелиминарен договор со ВМРО-ДПМНЕ за негова поддршка во Општина Куманово, тој рече дека се водат интензивни разговори на таа тема и нагласи дека неговите очекувања се да се постигне таков договор.
Посочи дека разговорите не се водат само за поддршка во Општина Куманово, туку и за други општини ширум земјава, но, како што рече, ќе причека сето тоа да се официјализира.
Во врска со тоа дали разговорите се во насока на предизборно коалицирање во конкретни општини на територијата на државата и дали тоа ќе се однесува на заеднички кандидати за градоначалници и советнички листи, Димитриевски повтори дека до крајот на овој месец, ЗНАМ ќе ги соопшти имињата на своите кандидати, како и општините во кои предизборно ќе коалицира со владиниот партнер.
Прашан дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да има свој кандидат во Општина Куманово, како и во Општина Центар, Димитриевски рече дека ЗНАМ има апсолутно право да промовира свои кандидати онаму каде што има постигнато најдобри резултати на претседателските и парламентарните избори.
– Ние имаме постапка за дефинирање на кандидати, но дефинитивно околу мене постои апсолутен консензус во партијата внатре и сите бројки се на таа страна, тоа веќе го објавивме. Ќе излезам со нова програма пред граѓаните во Куманово како кандидат на ЗНАМ, а верувам и поддржан од нашите коалициски партнери и ќе трчаме за нов мандат. Очекуваме и други општини каде што ќе имаме свои кандидати, верувам дека до крајот на месецот ќе ги соопштиме кои се тие општини и кои ќе бидат нашите кандидати … Разговараме за поголем број на општини на територијата на Македонија и не би сакал да шпекулирам во јавноста се додека разговорите не бидат завршени. Се работи за повеќе, не за една или две, туку за повеќе општини. Таму каде што сме постигнале најдобри резултати на претседателските и парламентарните избори, сметам дека можеме и имаме апсолутно право и поддршка од граѓаните да промовираме наш кандидат, а на крајот на граѓаните е да одлучат – рече Димитриевски.