„ИЗГЛЕДА ЛОШО ВО ЛОС АНЏЕЛЕС, ДОВЕДЕТЕ ЈА ВОЈСКАТА!“ Трамп е спремен за најлошото
Претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди распоредување на 2.000 војници од Националната гарда на Калифорнија во Лос Анџелес, повикувајќи се на ретко користена правна основа наречена „Тајтл 10“. Со тоа, тој ја стави гардата под своја директна команда, наместо под контрола на гувернерот Гевин Њусом.
Протестите во Лос Анџелес ескалираа, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди распоредување на федерални трупи како одговор на немирите поврзани со имиграциските рации, објави индиска Република.
„Работите изгледаат навистина лошо во ЛА“ и „Доведете ги трупите!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут сошал.
Трамп претходно издаде наредба за распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда на Калифорнија во Лос Анџелес. Повикувајќи се на ретко користена правна одредба, позната како овластување според „Тајтл 10“, Трамп ја федерализираше Националната гарда на државата, ставајќи ја под своја директна команда, наместо под контрола на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. Со оваа постапка беше заобиколена вообичаената процедура, според која гувернерите бараат помош од Националната гарда во случаи на природни катастрофи или на граѓански немири.
Гувернерот Њусом силно се спротивстави на оваа одлука, нарекувајќи ја „сериозно кршење на државниот суверенитет“. Тој додаде дека распоредувањето на федерални трупи било „непотребно“ и „намерно провокативно“.
Во телевизиско интервју, гувернерот Њусом го опиша преземањето на Националната гарда од страна на Трамп како „нелегален чин“ што ќе биде „оспорен на суд“.
Во друга објава на Трут сошал, Трамп тврдеше дека Лос Анџелес е „окупиран од илегални имигранти и криминалци“ и им нареди на своите високи претставници – вклучувајќи ги министрите за внатрешна безбедност и одбрана – да преземат неопходни чекори за да го исчистат градот од она што тој го нарече „мигрантска инвазија“.
Во понова објава, Трамп исто така нареди полицијата да ги апси демонстрантите што носат маски. Се верува дека демонстрантите ги носат маските за да си ги сокријат идентитетите и за да избегнат идентификација од страна на безбедносните сили.
Во меѓувреме, полицијата на Лос Анџелес прогласи „незаконско собирање“ во областа Сивик сентер во центарот на ЛА.
Додека протестите – поттикнати од имиграциската офанзива на администрацијата на Трамп – влегуваат во четвртиот ден, а Националната гарда е веќе распоредена за да ја контролира ситуацијата, важно е да се разгледа кога, како и зошто почнаа протестите.
Кога, како и зошто почнаа протестите?
Немирите започнаа во петок, на 6 јуни 2025 година, откако Имиграциската и царинската служба (ICE) спроведе голем обем на рации низ Лос Анџелес. Операциите беа насочени кон локации како паркинзи, фабрики за облека и магацини, каде што беа приведени надничари и други работници.
Овие акции доведоа до остри судири меѓу демонстрантите и федералните агенти, особено во претежно латиноамерикански населби. Демонстрантите – од кои многумина се залагаа за права на имигрантите – излегоа на улиците во области како Парамаунт и како центарот на Лос Анџелес, каде што дојде до конфликти со агенти, опремени со опрема за растерување немири.
Извештаите опишуваат хаотични сцени со употреба на солзавец, експлозивни блицеви и на огномет, заедно со изолирани случаи на вандализам, вклучително и запалено возило и запалена улична инфраструктура. Пријавени се и палења на возила, како и случаи на ограбување.
Во рациите биле уапсени 118 лица, меѓу кои и поединци, наводно поврзани со бандитски активности, семејно насилство и со трговија со дрога. Шерифската служба на округот Лос Анџелес, исто така, потврди неколку приведувања.
Овие протести – и одговорот на федералната власт – ги истакнуваат длабоките поделености меѓу демократското раководство на Калифорнија и имиграциската политика на администрацијата на Трамп. Лос Анџелес, како дом на голема имигрантска популација, долго се идентификува како град-засолниште, кој ја ограничува соработката со федералните имиграциски служби.
📽 ГУМЕНИ КУРШУМИ И „ВИСТИНСКИ АНАРХИСТИ“ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС Кој си игра со оган во САД?