ОПОЖАРЕН КАМИОН ЗА СОБИРАЊЕ ОТПАД Ѓубрето се запалило во камионот
За среќа нема повредени во пожарот, вработените го забележале пожарот и алармирале, што овозможило навремена реакција и спречување на сериозни последици. Причинета е штета која ќе се санира.
Камион на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ изутринава бил опожарен додека изнесувал смет од правен субјект од Куманово, информираа денеска надлежните од претпријатието. Пожарот го изгасила екипа на противпожарна единица и вработени на самото претпријатие.
Директорот на претпријатието, Ненад Стојановски, информираше дека до пожарот дошло поради несоодветно одложен отпад кој се запалил во задниот дел на возилото.
– Пожарот е резултат на неодговорно фрлање отпад, кој не смее да се меша со комуналниот отпад. За среќа нема повредени во пожарот, вработените го забележале пожарот и алармирале, што овозможило навремена реакција и спречување на сериозни последици. Причинета е штета која ќе се санира – изјави Стојановски.
Увид извршила и екипа на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Од јавното претпријатие апелираат до граѓаните и до правните субјектите да се одлага соодветен отпад и укажуваат дека инцидентот ја отвора дебатата за неопходна едукација и контрола при управувањето со отпадот, како и за зајакнување на инспекциските механизми во насока на спречување на вакви ризични ситуации.