Карикатурна ретровизија

Ако Македонија навистина има „тажни страници“, тие се корицата на таа книшка во којашто цели три децении подметнуваат пиши-бриши „совети“ и „експертизи“, „мудрости“ и „знаења“ коишто немаа(т) ама баш никаква врска ни со реалоност, политика, демократија… туку само со нивниот џеб и задникот сместен во некоја фотелја.

260

Многумина би се согласиле дека актуелниот македонски политички миг е историски, пресуден, па и пресвртен. Јас би бил прилично резервиран кон таквите ставови, особено затоа што истите, главно, доаѓаат од она „интелектуално“ мегафонско крило на куќниот совет, од потрошени луѓе кои политички – или политикантски, подобро речено – прокоцкаа сѐ што допреа, па сега би да го вратат времето назад за да си го поправат „имиџот“. Оној што де факто го немале. Тие биле, и се, само бедно ехо на една криминогена полит-гарнитура, громогласни „музиканти“ по нивните ноти уште од онаа 1992 година и времето на страотното пљачкосување нагалено крстено приватизација и самоволијата на нивните шефови. Тоа што тие сега, дури и од оваа дистанца и со сиот криминален багаж сакаат истите бараби да ни ги претстават како некаква македонска политичка елита, па дури да ни ги инсталираат како некакви битпазарски „кипови на слободата“ и слични будалаштини, тоа е нивни проблем, не наш.

Дури им пречи и тенденцијата за „идеален свет“ наместо – види богати – реалниот свет на меѓународната политика. Па токму тој „реален свет“ којшто нивните газди ни го наметнаа за подобро и повеќе да ограбуваат, нѐ доведе до ова дно. И во тој „реален“ свет тие беа министерчиња и советничиња на криминалците, амбасадорчиња и мегафончиња, „философи гоедари и гоедари философи“ (Цепенков)…, јавно бранејќи ги политикантските циркуси на мафиозите. Меѓу нив и лакрдиите така помпезно викани „херојска мултикултура“ којашто доведе до 2001, Куманово и 2016-2024 година, некаква „инклузивност“ но само на хартија, а во праксата онаа најгрдата – демагошка и партиска итн.






Ако Македонија навистина има „тажни страници“, тие се корицата на таа книшка во којашто цели три децении подметнуваат пиши-бриши „совети“ и „експертизи“, „мудрости“ и „знаења“ коишто немаа(т) ама баш никаква врска ни со реалоност, политика, демократија… туку само со нивниот џеб и задникот сместен во некоја фотелја.

Сето тоа ја доведе земјата и до онаа налиудничаво бесмислена „теза“ дека „Големиот лидер ги носи луѓето онаму каде што тие не мора да сакаат да одат, но, каде што треба да бидат.“ И неа ни ја продаваа(т) преку Глигоров, Трајковски, па дури и оној Пендаровски, а особено преку „ликот и делото“ на комедијантот Заев, небаре сме мали деца што ги пренесуваат од спротивната страна на слаткарницата. Колачите, се разбира, треба да останат за нив и нивните газди. Извинете, но колку глуп треба да бидеш за да, после сѐ што сме научиле од светската историја, протежираш таква белосветска идиотштина, па нека е речена и од некојаси Розалин Картер? Колку ли такви „големи лидери“ видела историјата и каде сѐ ги носеле луѓето, меѓу нив (од поновите) и Хитлер, Сталин, Милошевиќ, Туѓман…, сега Радев, Зеленски, „тетка“ Урсула и др. Ама и нашиве шушумиги, меѓу нив и оној „кип“ со „харизма“? Или еден кој смислил дека „ниту Бугарија ниту Грција не го оспорија територијалниот интегритет на РСМ“, туку, изгледа, културните војни водени против Македонија се за нејзино добро?

Таквите „лидери“, особено „кипот“ качен на битпазарската тезга, намислија дека ние сме „един народ“ во две држави и дека е греота кутрите им сонародници да не ги ставиме во Уставот! Ама нешто замолчеа со приказната за тој „мудар“ потег како за единствен услов на нивните собраќа. Им ги затнаа устите, толку бива. И Георгиев, и Јотова, но и љубимата им Марта „УДБА“ Кос!

Македонската политичка ретровизија за овие три децении – кога навистина би можела дневно да се врти низ медиумите – би ни ги прикажала т.н. политички елити во вистинската светлина, со реалните нивни лица. Колкумина од нив би побегнале „главом без обзира“ од карикатуралниот одраз на својот лик во таа ретровизија, колкумина би се виделе во вистинската криминално-коруптивна „аура“, а некои дури и со крвави раце, колкумина би имале нос како Пинокио и магарешки уши…? Или, ако баш сакате, како „г-ѓа“ Брнабиќ која откако го вееше српското знаме, го фрли – на земја! Ама сето тоа нема врска, тие и понатаму (ќе) мислат дека ја извеле Македонија на вистинскиот пат, нели.

И кој е тој пат? Овој со наводната „консолидација кај македонското политичко општество“ и затворањето „на маестрален начин“ на идентитетските војни со соседите? Или на тој „маестрален начин“ му недостасува придавката „Пиров“, зашто во македонската ретровизија политичарите можеби ќе имаат каков-таков, па нека е и карикатурално искривен лик, но не и име, идентитет, историја…! Или тоа баш и не е толку важно? Не спорам, можеби за некого и не е, а тоа е негово право. Та тие и таквите секогаш биле „борци“ за човековите права. Главно своите, нели, ама сепак!

Но едно е точно: Македонија е веројатно на прагот на сериозни политички одлуки. Не историски, не пресвртни – времето сепак не е (сѐ уште) такво и има уште да „се игра“ – туку сериозно и промислено да се одбере, колку што се може, најбезболниот пат. И да се имаат предвид сите компетентни мислења – ако се такви, се разбира – но и со мудрост и стаменост да не се преминува демократската граница на очекувањата на јавноста, да не речам волјата на народот. Зашто, штом се спомне „волјата на народот“, некои овде „се ежат“, веднаш влегуваат во филмот со некакви „елити“ од типот на куќниот совет и оној со „златната виза“, но и другион кој од досада секој втор ден се заканува со улици. Па и такви „мудреци“ кои сега почнаа да „проповедаат“ дека еу (малите букви се…) всушност нѐ брани од самите нас?

А во таа насока, забележливо е дека оваа мегафонска „пајтон интелигенција“, оние екс-министерчиња, екс-амбасадорчиња, екс-пратеничиња и остала багра во служба само на нивните газди, во ниту еден миг веќе не го спомнува зборот – демократија. Или тоа за нив е надмината работа, сега е време на одлучување на нивните газди, на ним сличните врхушки и олигарси…? И што има тука да се меша демократијата кога тие знаат подобро, нели?

Зашто ние, вакви какви сме, само плачеме дека некој нѐ блокира, дека сите се против нас…, па затоа сега тие односно нивните газди ќе ни покажат како треба. И кому е важно што речиси 80% од граѓаните едноставно не ги прифаќаат нивните пробугарски и про-еу тези, и што речиси 70% проценти јасно и гласно се изјаснија дека се против промената на името на државата…? И кому воопшто му треба демократија кога имаме такви „кипови“ во државата?

Ние, не само денес туку речиси цели три децении, сме исправени пред најбезобразните самоволија на одделни политички врхушки кои нивните интелектуални подопашници сакаат да ги именуваат како елити, а последниве седум-осум години и пред една страотна криминално-коруптивна коалиција која некој и денес сака да ни ја продаде како некаков модел или „лидер на Балканот“. Во што, во криминалот и корупцијата?

Оттука, потенцијалната македонска ретровизија би ни покажала многу нешта што овие баш и не сакаат да ги видат, како на филмска лента би се извртел сиот нивен хаос и безумие, но и нашата лековерност. Меѓутоа, би ни го покажала и она најгрдото: дека ние немаме проблем само со непочитувањето односно некултурата на другите, туку првенствено со евидентното и громогласно непочитување на самите себеси!

И, колку за потсетување и крај, еден „инсерт“ за локалнава глувчешка банда со зборовите на Глигоров – оној истиот Глигоров кому беа спремни и чевлите да му ги чистат само да ќарат нешто, па после го фрлија на ѓубриште сосе неговата „еквидистанца“! – на Мировната конференција за Југославија во Брисел (6 мај 1992): „Стекнувањето и употребата на името на еден народ и држава е неприкосновено и неотуѓиво право на секој народ и на граѓаните на секоја држава. Република Македонија го носи тоа име како држава половина век“! И понатаму, да ги потсетам на говорот на истиот Глигоров во Обединетите нации (8 април 1993), при приемот на Македонија во ООН (под референцата FYROM): „Среќен сум и возбуден што во овој миг можам да ја изразам благодарноста, во името на народот и на Владата на Република Македонија, за поддршката изразена со приемот на Република Македонија за рамноправна членка на организацијата на Обединетите нации“.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини