ОЧЕКУВАМЕ И БРИСЕЛ ДА ГО ИСПОЛНИ ВЕТЕНОТО КОН ЗАПАДЕН БАЛКАН Муцунски нагласи дека Македонија е посветена на реформите и на европскиот пат

Она што можам да го кажам, претставувајќи ја мојата држава, е дека ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавството на ЕУ, ќе бидеме посветени на Реформската агенда што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите членки, да го исполнат многу јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу, многу години, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија во Варшава.

183

Во рамките на Европската Унија гледаме обновен дух фокусиран на процесот на проширувањето, но она што треба да го видиме во пракса е затворање на јазот, што очигледно постои во овој момент помеѓу создадените очекувања и нивната реализација, изјави денеска во Варшава македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

– Она што можам да го кажам, претставувајќи ја мојата држава, е дека ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавството на ЕУ, ќе бидеме посветени на Реформската агенда што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите членки, да го исполнат многу јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу, многу години – изјави Муцунски при пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки и на државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата што се одржува во Варшава.






Муцински нагласи дека е потребна посветеност на проширувањето во пракса, но дека, исто така, конечно треба да заврши процесот на билатерализација на пристапниот процес на државите од Западниот Балкан од страна на многу од земјите членки на ЕУ.

– Сè повеќе слушаме за јасна перспектива, што доаѓа и од новата Комисија, како и од земјите членки, но сега е време не само за зборови, туку и за реализација – потенцира Муцунски.

Тој нагласи дека оваа година за нас претставува еден отрезнувачки јубилеј – 20 години земја-кандидат, што значи дека поминаа 20 години како ги немаме започнато преговорите за членство.

– Ако со некого се однесувале, би рекол, неправедно и со двојни стандарди, тоа е земјата што ја претставувам денеска тука, рече Муцински.

Според него, во актуелниот геополитички момент за земјите кандидати за членство во ЕУ е значајно да работат заедно со државите членки во создавање кохерентни и стратешки перспективи за предизвиците со кои се соочуваат.

– Мислам дека е исклучително важно да напоменам дека јас претставувам земја кандидат која е 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика и сметам дека одлуките што ги носиме се заеднички, како што се заеднички и предизвиците со кои се соочуваме – истакна Муцунски.

Тој изрази задоволство од организтрањето на денешниот состанок во овој формат и изрази надеж дека практиката на ваков вид средби ќе продолжи и во иднина.

На средбата, што се одржи во форма на работен ручек во рамки на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), предвидено е министрите да разговараат за предизвиците на европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност на хибридните закани.

Поврзани содржини