ПРИВАТНИТЕ АПТЕКИ БАРААТ ДА НЕ БИДАТ ТРЕТИРАНИ КАКО ТРГОВЦИ Не сакаат да имаат обврска да ги објавуваат сите цени на интернет
Не се согласуваме со новата шифра 47.730 - трговија на мало со фармацевтски производи, што во најмала рака е деградирачка и го сведува фармацевтското работење на обична трговија, вели Билјана Божиновска, член на Извршниот одбор на Здружението на приватни аптеки.
Здружението на приватни аптеки на Република Северна Македонија бара изземање на аптеките од новиот Правилник за објавување цени на стоки од 3 април годинава, изјави денеска Билјана Божиновска, член на Извршниот одбор на Здружението.
Божиновска рече дека аптеките не треба да се третираат како обични трговци.
– Сакаме да потенцираме дека аптеките не се класични малопродажни објекти, туку здравствени установи на ниво на примарна здравствена заштита, каде работи лиценциран здравствен кадар, магистри по фармација и фармацевтски техничари. Нашата основна улога е да обезбедиме здравствена услуга и фармацевтска грижа за пациентите, преку издавање и советување за употреба на лекови, следење на терапијата и едукација на граѓаните, а не да вршиме трговија во класична смисла – истакна Божиновска.
Нивното барање е аптеките да бидат изземени од обврската за јавно објавување на цените на сите производи на веб-страница, како што се бара во Правилникот.
– Оваа обврска не е соодветна со нашата здравствена функција и создава дополнителен административен товар, што го одвлекува здравствениот кадар од основната дејност – грижата за пациентите и фармацевтската грижа – појасни Божиновска.
Се бара и да се врати шифрата на дејност 47.73 аптеки, што соодветно ја рефлектира спецификата на нивната работа како здравствени установи.
– Не се согласуваме со новата шифра 47.730 – трговија на мало со фармацевтски производи, што во најмала рака е деградирачка и го сведува фармацевтското работење на обична трговија. Истакнуваме дека нашата работа е регулирана и под надзор на Министерството за здравство, Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и други здравствени институции. Со ваквиот Правилник се нарушува интегритетот на фармацевтската професија и се создава конфузија околу улогата на аптеките во здравствениот систем – подвлече таа.
Од Здружението очекуваат сериозно да се разгледаат нивните барања, испратени до Министерството за економија и труд и до Кабинетот на претседателот на Владата.
– Нашите барања се доставени и преку Фармацевтската комора на Република Северна Македонија, која се грижи за фармацевтската фела и нејзината позиција во државата – додаде Божиновска.
Се бара состанок со надлежните со цел да се најде решение за настаните проблеми.