КОМПАНИЈАТА „МУБАДАЛА“ ГЛЕДА КОН БАЛКАНОТ Николоски понуди проекти за инфраструктура и иновации

На средбата посебен акцент бил ставен на секторите туризам, инфраструктура и земјоделство. Николоски го презентирал и планот за инфраструктурен развој на државата, со фокус на подобрување на транспортната поврзаност, што според него ќе биде „столб на економскиот раст во наредната деценија“.

3,812

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска во Абу Даби се сретнаа со Валид Ал Мокараб Ал Мухари – заменик извршен директор на „Мубадала“, една од водечките инвестициски компании од Обединетите Арапски Емирати.

На средбата се разговарало за потенцијалната економска соработка помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, а Николоски пред присутните ги презентирал условите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, како и можностите за вложување во клучни сектори.






– Разговаравме со една од најмоќните инвестициски компании во светот. Македонија има уникатна географска положба што нуди сериозни предности – директен пристап до пазарите во Централна и Југоисточна Европа, модернизација на транспортните коридори и стабилна економска политика. Сето тоа ја прави нашата земја атрактивна дестинација за нови инвестиции – изјави Николоски по средбата.

Посебен акцент бил ставен на секторите туризам, инфраструктура и земјоделство. Николоски го презентирал и планот за инфраструктурен развој на државата, со фокус на подобрување на транспортната поврзаност, што според него ќе биде „столб на економскиот раст во наредната деценија“.

Дополнително, биле разменети идеи за зајакнување на поддршката на претприемништвото и развој на приватниот сектор, особено во областа на технологијата, иновациите, обновливите извори на енергија и други иновативни индустрии.

– Убедени сме дека со овој тип на партнерства можеме да ги отвориме вратите за значајни и долгорочни инвестиции, кои ќе создадат нови работни места и ќе донесат високи стандарди на работа и квалитет на живот – истакна Николоски.

Компанијата „Мубадала“ управува со портфолио вредно 302 милијарди долари и е активна во повеќе сектори на шест континенти, што според македонската делегација, ја прави исклучително значаен потенцијален партнер за долгорочен економски развој на земјата.

Поврзани содржини