„ГАЗА Е УБАВО МЕСТО, ДОБРО Е САД ДА УПРАВУВААТ СО НЕГО“ Трамп ја смета палестинската територија за стратешка земја
Американскиот претседател уште еднаш ја изнесе идејата за преселување на палестинското население од Газа, тврдејќи дека „многу земји“ ќе бидат подготвени да ги прифатат 2,1 милиони Палестинци кои ќе бидат раселени.
Претседателот на САД, Доналд Трамп ja повтори својата идеја дека би сакал Америка да ја преземе контролата врз Појасот Газа и за раселување на палестинското население кое живее таму, нарекувајќи ја оваа палестинска територија „неверојатно вредна и стратешки важна земја“, пренесе Јаху Њуз.
– Би било одлично ако САД имаат мировни сили кои ќе управуваат и ќе го поседуваат Појасот Газа. Тоа би било добро – рече Трамп, говорејќи од Белата куќа, во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп тврди дека „многу земји“ ќе бидат подготвени да ги прифатат 2,1 милиони Палестинци кои би биле раселени.
– Ако ги преместите овие луѓе, Палестинците, во различни земји – и има многу земји кои би го направиле тоа – тогаш всушност добивате зона на слобода. Може да ја наречете слободна зона, зона без смрт. Место каде што луѓето нема да умираат секој ден – рече Трамп.
Потоа додаде дека „тоа е проклето добра локација“.
– Јас го нарекувам одлично место во кое никој не сака да живее.
Сепак, регионалните сојузници веќе ја отфрлија таквата идеја, наведувајќи дека присилното раселување може да претставува воено злосторство.
Според Обединетите нации, израелската воена кампања против Хамас досега принудила околу 90% од населението на Газа да ги напушти своите домови.