„ФИЗИЧКИТЕ РАНИ ЌЕ ЗАРАСНАТ, НО ДУШАТА КРВАВИ“ Дарко Стојанов по преживеаниот пекол во Кочани

Драги пријатели, познаници и непознаници, мили мои ученици – премногу ми недостасувате, но ќе се видиме наскоро. Моj македонски народе, ви благодарам за солидарноста, емпатијата и храброста која ја добивам“, изјави Дарко Стојанов по враќањето во Македонија.

2,539

Дарко Стојанов, еден од преживеаните во катастрофалниот пожар во Кочани, се врати во Македонија по лекувањето во Клиничкиот центар во Белград. Тој е првиот пациент кој се вратил од странство, а неговото пристигнување во татковината го сподели со емотивна порака на социјалните мрежи.

„Со оваа објава пред сè сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас. Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, но следува подолг процес на опоравување. Физичките рани ќе останат, но повеќе нема да крварат и нема да болат. Сепак, раната на душата ќе крвари во мене до крајот на животот“, напиша Стојанов.






Тој упати длабока благодарност до македонските и српските медицински работници, кои, како што истакна, му го спасиле животот.

„Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ. Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од Клиничкиот центар Србија. Моите деца сè уште имаат татко благодарение на докторите, неверојатните медицински сестри и техничари од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. Благодарам, српски народе!“, додаде тој.

Стојанов ја искористи можноста да испрати порака за солидарност и за важноста на семејството.

„Посакувам што побрзо закрепнување на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа трагедија ќе нè обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе. Гушнете ги најблиските, фамилијата, пријателите. Кажете им дека ги сакате. Никогаш не можете да знаете кога е тоа за последен пат“, вели Стојанов во својата објава.

📽️ ДАРКО СТОЈАНОВ ПРВ СЕ ВРАТИ ОД ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО По испитувањата ќе биде пуштен дома

Поврзани содржини