ЌЕ ПОТВРДИ ЛИ БОРЕ ВИДЕВСКИ ДЕКА ПАЛЧО ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ? Ќе сведочи најтивкиот учесник од бандата на Палевски
На минатото рочиште второобвинетиот Велибор Манев рече дека каратистот од Велес за пари се приклучил на бандата за киднапирање, откако се договорил со шефот Љупчо Палевски Палчо.
Боре Видевски, каратистот, како што го викаат, ќе го даде својот исказ на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, за грабнувањата и за убиствата на свиреп начин на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Скопје. Освен нему, за злосторствата што го згрозија регионот, им се суди и на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, поранешен претседател на партијата Десна, на Велибор Манев и на Влатко Кешишев, а на Александар Ѓорчевски му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Ќе потврди ли Боре дека Александар е невин?
Се очекува дека денеска велешанецот Боре Видевски ќе потврди дека на 22 ноември и на 27 ноември во Панче и во Вања пукал нивниот шеф, скопјанецот Палевски. Така сведочеше велешанецот Манев, кој раскажа дека Палчо ги излажал дека ќе извршат грабнувања, а дека ќе нема убиства. Според сведочењето на Манев, трагичен момент за девојчето Вања бил што ја грабнале по грешка, затоа што требале да грабнат 40-годишна жена, ќерка на фармацевт, која живеела во истата зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало. Во местото Бразда, кога сфатиле дека е дете, а не жена, Манев го молел Палчо да не ја убива, но тој рекол „и таа ќе оди“ и ја убил со истрел во главата, а ниту Боре, ниту Велибор, ниту Влатко не сториле ништо за да го спречат. Според Манев, Боре Видевски рекол „влеговме во го*ната, ќе тераме“.
Се очекува и дека Видевски ќе потврди дека таткото на Вања, Александар е невин и нема улога во грабнувањето на неговата ќерка, како што го обвинува Јавното обвинителство. Тоа, според исказот на Манев е и логично, затоа што, ако навистина требало да грабнат друга личност, во таа приказна не се вклопува таткото Александар со информации до грабнувачите кога неговата ќерка оди сама на училиште. Манев рече дека Александар прв пат го видел на слика во полициска станица по приведувањето, кога инспекторите со тепање го натерале да каже дека видел како Палевски телефонски разговара со него. Манев рече и дека слушал како во притворот ги тепаат Ѓорчевски, Кешишев и Видевски.
Која е улогата на Видевски?
Каратистот од Велес за пари се приклучил на бандата за киднапирање. Манев рече дека тој требало да добие 150.000 евра, ама не знае за колку пари се договориле Видевски и Кешишев.
Според Манев, некаде во 2022 година, една година пред злосторствата, Палевски добил идеја да грабнат некој богат, да го чуваат во некоја дупка два-три дена и да земат откуп. Парите да ги делат дел за себе, а дел за новорегистрираната партија Десна.
Во првобитната банда биле тројца и им требала четврта личност. Велибор Манев бил другар со Боре од основно и многу се дружеле, па му го предложил. Му рекол на Боре да оди да се договори со Палчо, по што договорот паднал и Боре се приклучил на групата.
Според Манев, Боре сведочел на моментите кога се убиени и Панче и Вања.
Тој учествувал во грабнувањето на Панче, така што тој го удрил кога Панче ја отворил вратата на својот дом и го турнал на земја. Заедно со Манев го завиткале во церада, па потоа со „цитроенот“ на Панче и со „рено кангу“ отишле до местото Рудник. Манев тврди дека мислел дека ќе го чуваат Панче во дупката, ќе го искористат неговиот „цитроен“ за второто грабнување и ќе го ослободат кога ќе ја грабнат жената. Останува да се види дали истата варијанта ќе ја потврди и Видевски.
Тој учествувал во грабнувањето на Вања така што ја фатил за устата кога излегла од лифтот, ѝ рекол да не вика инаку ќе пука, заедно со Манев ја врзале и ја ставиле во вреќа за спиење. Ја изнеле од зградата и ја ставиле во гепекот од „цитроенот“. На булеварот Партизански одреди Боре со чекан го искршил телефонот на Вања.
Нема алиби, целото време молчи
Својот исказ третоосомничениот Боре Видевски ќе го почне со прашања од својот адвокат Бојан Манев. На воведното рочиште рече дека не се чувствува виновен по обвинението.
За време на целото судење, тој е најтивкиот од сите од бандата на Палчо. Неговата одбрана не понуди докази за неговата невиност, ниту сведоци за алиби за времето да двете убиства. Адвокатот Манев по едно од минатите рочишта изјави дека вечерта пред убиството на Панче Жежовски Видевски бил дома и славел домашна слава, а обвинителките покажаа видеоснимки дека четворицата се собрани во куќата на Манев. Но, одбраната не понуди докази да го потврди тоа. За времето на убиството на Вања, Боре Видевски не даде никакво алиби.
Тој е бубрежно болен, со трансплантиран бубрег. Дел од времето кое го минува во притвор, лани во септември и во октомври го помина на Клиниката за нефрологија.
Претходно бараше мерката притвор да му биде заменета со куќен притвор, но, лани во мај беше одбиен.
Мистерии околу пиштолите
Боре Видевски поседува пиштол марка зброевка, со дозвола, со калибар од 9 милиметри кој досега не е пронајден. При претресот на неговиот дом, неговата сопруга предала пушка и дозволи за двете огнени оружја, но пиштолот го нема. Пушката е во депо во велешката полиција.
Освен овој пиштол, го нема ниту пиштолот со кој се убиени Панче и Вања и кој, исто така, е со калибар од 9 милиметри. На последното рочиште Манев рече дека Палевски го спакувал во син ранец пиштолот со кој се убиени двајцата, заедно со трите мотороли што ги користеле и го предал на некој свој човек од доверба. Подоцна, кога патувал кон Турција, Палевски му се јавил на Манев и му рекол да му рече на човекот да го „уништи пакетот“. Ова беше нов значаен момент, за прв пат откриен пред јавноста на последното рочиште. Оружјето со кое се извршени злосторствата досега не се пронајдени, па големо прашање е зошто е тоа така, доколку Манев ова за синиот ранец го кажал и во истрагата и ако тврдењето е вистинито.
Денеска судијата Ивица Стефановски е последниот што ќе го испитува второобвинетиот Манев, по што ќе почне исказот на Видевски.
Потоа ќе сведочи Кешишев, па таткото Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Палевски.