СРПСКАТА ВЛАДА ПОБАРА ИСТРАГА ОД ФБИ И ОД РУСКАТА БЕЗБЕДНОСНА СЛУЖБА Дали на протестот бил употребен звучен топ?
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, потврди дека полицијата располага со звучно оружје, познато како „звучен топ“, набавено во 2021 година и складирано во магацините на српското МВР. Тој објасни дека овие системи сѐ уште не се ставени во употреба. На прашањето зошто претходно тврдел дека МВР не поседува ваков уред, Дачиќ ја нарече својата изјава „несмасна“, појаснувајќи дека мислел на тоа дека уредот не е дел од оперативната опрема на полицијата.
Српската Влада испратила синоќа барање до ФБИ и до Руската служба за безбедност (ФСБ) да спроведат независни истраги дали на протестот на 15 март во Белград бил употребен звучен топ, јави дописникот на МИА од Белград.
Потврдата за тоа беше изнесена денеска откако премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, нагласи за белградски медиуми дека по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ потпишал официјални документи и преку Министерството за надворешни работи, поточно преку српските амбасади во Вашингтон и Москва, испратил барања до безбедносните служби на тие држави.
– Можам со најголема одговорност да кажам дека на 15 март на ниедна локација не беше употребен звучен топ или нешто слично. За тоа не беше издадена наредба, никој не ја виде таа направа. Невозможно е да немате здравствени повреди во моментот на употребата на тој уред. Таквата направа произведува непосредни последици – рече тој.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, за порталот Данас изјави дека полицијата поседува звучно оружје или колоквијално наречено „звучен топ“. Тоа е купено во 2021 година и е во сопственост на МВР на Србија.
Тој додава дека тие системи се наоѓаат во магацини, во кутии и дека не се пуштени во употреба. На прашањето зошто претходно изјавил дека МВР не поседува „звучен топ“ или друго слично звучно оружје, министерот рече дека тоа е несмасна изјава.
– Тоа е несмасна изјава. Со тоа се мислело дека МВР не го вклучува тоа средство во својот арсенал – појасни Дачиќ.