ПРИ ПРЕТРЕСОТ ВО ДОМОТ НА БОРЕ ВИДЕВСКИ БИЛЕ ОДЗЕМЕНИ ДВЕ ДОЗВОЛИ ЗА ОРУЖЈЕ Пиштолот за кој имал дозвола не бил најден
При претресот кај Јасминка Видевска во Велес биле одземени ловна пушка, патрони и куршуми за пиштол 9 мм, кои потоа биле предадени во магацин на СВР Велес. Колегите од СВР Скопје беа известени дека недостасува пиштол, рече полицискиот службеник Кујунџиоски, кој на прашање на обвинителката рече дека немал можност да го праша обвинетиот Боре Видевски каде е оружјето, бидејќи тој бил спроведен на 3.12.2023 година во Скопје заради натамошна постапка.
На рочиштето од процесот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска зборуваше сведок предложен од одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски, полицискиот службеник од Велес Стојан Кујунџиоски. Тој прво одговараше на прашањата на Палевски.
– Јас, заедно со другите колеги од СВР Велес бевме вклучени во истрагата по исчезнатото лице Панче Жежовски. Беше извршена потрага на околината на Велес, беа прегледани видео записо од околината и од излезите и влезовите на Велес, со цел лоцирање на возилото и на самиот Жежовски – рече Кујунџиоски и потврди дека изготвил службена белешка во врска со увидот во камерите на хотелот „Романтик“.
– Тоа што сум го констатирал тогаш, тоа сѐ уште го тврдам. Не можам да ви дадам одговор како се облечени, бидејќи снимките сум ги гледал одамна – рече Кујунџиоски на прашањето од Палевски да објасни како биле облечени лицата за кои службеникот констатирал дека биле во „реното кангу“ (две лица) и едно лице во „цитроенот“.
Кујунџиоски вршел претрес кај извесна Билјана Лалушева, од каде биле одземени предмети, кои биле предадени на колеги од СВР Скопје.
При претресот кај Јасминка Видевска во Велес биле одземени ловна пушка, патрони и куршуми за пиштол 9 мм, кои потоа биле предадени во магацин на СВР Велес.
– На 13.12.2023 година сте изготвиле записник за примопредавање на списи и предмети од СВР Велес на СВР Скопје. Во тој записник не постојат предметите кои сега ги наведовте, а за кои сте издале потврда на 04.12.2023 – рече Палевски.
– На СВР Скопје му беше дадено на увид целото досие, а тие ги презедоа оние предмети кои ценеа дека се битни за истрагата – рече Кујунџиоски.
– Дали СВР Скопје ги виде ловната пушка, муницијата и двете дозволи за поседување оружје на лицето Боре Видевски, кои се евидентирани во потврдата? – праша Палевски.
– Предметите не, а документацијата да. Тие се предмети на управна постапка за трајно одземање на оружје и тие се предадени во магацин на СВР Велес на чување. Исто и дозволите за оружје се предадени во магацинот на чување – рече Кујунџиоски и додаде дека не може да каже каде е пиштолот марка „зброевка 75в“, за кој е одземена дозвола за поседување и носење, бидејќи пиштолот не бил најден при претресот.
– Дали го баравте пиштолот што недостасува? – праша Палевски.
– Баран е на претресот, не знам што се случувало, јас не бев на претресот. Јас немав никаков контакт со Боре Видевски за да го прашам каде е пиштолот – рече Кујунџиоски и додаде дека тој не го правел претресот кај Видевски.
Адвокатот на Палевски, Марјан Витанов, рече дека меѓу одземените предмети од тој претрес се две дозволи за оружје на Боре Видевски.
Кујунџиоски објасни дека со самото поведување кривична постапка, се поведува и управна постапка за одземање на оружјето. Оружјето било одземено на 04.12.2023, односно било доброволно предадено од Јасминка Видевска.
– На 04.12.2023 кога го зедовте оружјето, телата на жртвите веќе беа пронајдени на 03.12.2023. Вие како полициски службеник констатиравте дека нема пиштол и се решивте да водите управна постапка за пиштолот што го нема? На денот на одземање на дозволите и на пушката, веќе бил направен увид во месноста Рудник и бил пронајден мртов Панче Жежовски. И наместо барање оружје за убиството, вие сте повеле управна постапка. Зошто како полицаец не баравте оружје? – праша Палевски.
– Полицијата изврши претреси и пиштолот не е најден. Сите понатамошни дејствија се по добиени насоки на Јавното обвинителство, а ние како служба постапуваме по нивните насоки. Јавниот обвинител Славица Темелковски беше усно известена дека недостасува пиштол. Колегите од СВР Скопје беа известени дека недостасува пиштол – рече Кујунџиоски, кој на прашање на обвинителката рече дека немал можност да го праша обвинетиот Боре Видевски каде е оружјето, бидејќи тој бил спроведен на 3.12.2023 година во Скопје заради натамошна постапка.
Сведокот Мартин Панчевски, кој беше предложен од одбраната на Палевски, денеска не се појави. Судијата Ивица Стефановски рече дека била пратена покана доставница до него, а повратно било добиено дека такво лице не постои.