ЛАЖИРАЛЕ ДОКУМЕНТИ ЗА ДА ИМ СЕ ПРОДОЛЖИ ЛИЦЕНЦАТА ЗА ТРГОВИЈА СО НАФТА Финансиската полиција поднесе пет кривични пријави за фалксификување документи

Службено лице во Бирото за метрологија И.Б. изготвило невистинити табели за зафатнината на резервоарите на Друштвото Тритерол петрол, кои управителот З.А. ги употребил за да ја продолжи лиценцата за вршење на енергетска дејност - Трговија на големо со сурова нафта, соопшти Финансиската полиција.

1,262

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против три физички и две правни лица поради основани сомненија дека ги сториле кривичните дела фалсификување или уништување деловни книги, употреба на исправа со невистинита содржина, фалсификување службена исправа и помагање.

„Првопријавениот И.Б, службено лице во Бирото за метрологија при Министерството за енергетика е пријавен за фалсификување службена исправа, второпријавениот З.А, во својство на управител на ДПТУ Тритерол петрол е пријавен за делото фалсификување или уништување деловни книги и употреба на исправа со невистинита содржина. Третопријавениот А.З., управител на ДПТУ ЛТА Петрол сервис е пријавен за кривичните дела фалсификување или уништување деловни книги и помагање“, соопшти Управата за финансиска полиција.






Четвртопријавеното правно лице ДПТУ Тритерол петрол доби пријава заради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело употреба на исправа со невистинита содржина, исто како и петтопријавеното правно лице ДПТУ ЛТА Петрол сервис.

„Второпријавениот во својство на управител на Тритерол петрол во декември 2022 година, изготвил документи со невистинита содржина за наводна набавка на резервоари за нафтени деривати. Помогнат од третопријавениот, ги употребил документите во правниот сообраќај на начин што преку петопријавениот правен субјект ЛТА Петрол сервис ги доставиле до Бирото за метрологија за да им се изврши верификација. Првопријавениот, во својство на службено лице во Бирото за метрологија, изготвил табели за зафатнина на резервоарите во сопственост на Тритерол петрол, во кои внел невистинити податоци. Со тоа извршил фалсификување службена исправа која му ја ставил на располагање на второпријавениот“, се вели во соопштението од Финансиската полиција.

Со внесувањето на невистинитите податоци во службените исправи, се додава во соопштението, првопријавениот му овозможил на второпријавениот да ги употреби овие невистинити документи во понатамошна постапка.

„Ги употребил за зголемување на капацитетот на складот за нафтени деривати, што му било потребно за продолжување на лиценцата за вршење на енергетска дејност – Трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, а заради усогласување со Законот за енергетика“, посочуваат од финансиската полиција.

Поврзани содржини