ОБВИНИТЕЛСТВОТО ТРЕБАШЕ, АМА НЕ ПОБАРА ПРИТВОР ЗА ВАСКО КОВАЧЕВСКИ Должни се да објаснат зошто само за него не побараа најстрога мерка
Обвинителството не само што имало право, туку и морало да побара притвор за лицето кое е недостапно за органите на прогонот, а е вклучено во рамки на криминал, првично на околу 6,5 милиони евра, рече министерот за внтарешни работи Панче Тошковски.
Министерот за внтарешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека езачуден што не беше побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра, заедно со повеќе соучесници.
– Од наша страна се преземени сите потребни дејствија во насока на информирање на Јавното обвинителство. ЈО е известено и писмено и усно во однос на лицето кое го споменувате, но за жал, јавниот обвинител кој ја водел постапката во рамки на ОЈО ГОКК оценил дека не треба да бара најстрога мерка, согласно одредбите од Законот за кривичната постапка. Иако, ако мене лично ме прашате, малку сум вчудоневиден како за лице кое е недостапно за органите на прогон, а е вклучено во рамки на криминал, првично на околу 6,5 милиони евра, ЈО не побара таква мерка само за тоа лице – рече Тошковски.
За другите лица кои се опфатени со оваа истрага, додаде Тошкоски, е определена мерката притвор, само за Ковачевски не е.
– Првично се шпекулираше дека за такво дело не може да се определи најстрогата мерка според ЗКП, што не е точно. Обвинителството не само што имало право, туку и морало да побара притвор за лицето кое е недостапно за органите на прогонот. Зошто не побарало, прашајте го ЈО. Судот не може да определи мерка којашто не е побарана – рече Тошковски.
На брифинг во Јавното обвинителство на почетокот на декември, обвинителот за гонење на организиран криминал Ислам Абази рече дека пријавата против Васко Ковачевски стасала последна.
На прашањето зошто Васко Ковачевски не е обезбеден и се дозволило да избега, а со месеци имало предистрага, Абази рече дека како име тој е последен прозлезен во истрагата.
– Обвинителите завчера утврдија дека и тој е сторител на кривично дело. Откако беа обезбедени докази дека е вмешан во дел од случајот, спроведена е постапка и за него. Засега нема докази дека Ковачевски е дел од организираната група. Анализираме уште – рече тогаш Абази.
Во врска со случајот со Државната лотарија, министерот Тошковски денеска потврди дека МВР ќе ја прошири истрагата, бидејќи постојат индиции за повеќе сторени кривични дела со што е оштетен буџетот на компанијата.