АМБАСАДОРИ СО 4 ГОДИНИ МАНДАТ И КРИСТАЛНО ЈАСНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ИМЕНУВАЊЕ Се крчка нов закон за надворешни работи, еве што предвидува 

Клучната измена е и да се отфрли можноста претседателот на државата да потпише указ за амбасадор без соодветна постапка и регулација. Законските измени го предвидуваат и соодносот на политички именувани амбасадори со дипломати, именувани од редовите на Министерството, да биде 50-50, нешто што е блиско до праксата на западните земји.

1,366

Амбасадорите и дипломатските претставници на Македонија да имаат зголемен мандат до 4 години, предвидува нов предлог закон за надворешни работи кој македонското МНРнТ го доставило до Владата. Истото решение, кое треба да се најде во редовна постапка во Собранието, предлага и минимален раст на коефициентите на платите за дипломатите.

– Решението за зголемување на мандатот треба да го реши проблемот со честата ротација на амбасадорите во краток временски период, што е проблем за буџетот и за почитувањето на процедурите. Истовремено, знаеме дека растат кириите за станови и претставништва во странство, па оттука е и потребата за зголемување на коефициентите за плати – објасни министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на прес-конференција.






Предлог-законското решение детално ќе ги уреди механизмите за именувања, а клучната измена е и да се отфрли можноста претседателот на државата да потпише указ за амбасадор без соодветна постапка и регулација.

Министерот Муцунски нагласи дека неговиот претходник од минатата влада не ги почитувал постапките за именување што, според него, довело до сегашната состојба на отповикување амбасадори од различни причини. Тој го спомна примерот со финансиски проневери кај екс-амдасадорот Љубомир Фрчковски, но и случајот со амбасадорот Жерновски во Романија кој, како што рече, прекршил административни процедури.

Исто така, МНР предлага да се менува досегашниот сооднос на именувани амбасадори. Наместо досегашните две третини, кои се именувани политички, и едната третина професионалци, именувани од редовите на самото Министерство, во иднина овој сооднос треба да биде 50-50 со што Македонија треба да се доближи до праксата на повеќе западноевропски земји.

Една од идеите е дека квалитетните дипломати можат еднакво да произлезат и од двата начина на избор. Муцунски рече дека измените на законот се правени во консултација со експерти, а направени се и споредби со сличните закони во земјите на ЕУ.

Предлог-законот се занимава и со главното проширување на ингеренциите на Министерството во областа на надворешната трговија. Накратко, во одредбите подетално ќе се регулираат улогата на Владата и на Министерството во процедурите за надворешна трговија и странски инвестиции.

Предвидена е поедноставена постапка за транзиција на вработени од Министерството за економија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Поврзани содржини