НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ ОД 73,8 МИЛИОНИ ЕВРА Државата треба да врати 122 милиони евра во октомври
Според Министерството за финансии, во следните 5 години Владата ќе треба да врати 6 милијарди евра на домашните и на странските кредитори.
Државата денеска преку издавање три нови државни обврзници се задолжи со нови 73,8 милиони евра, а овој месец треба да врати околу 122 милиони евра кај домашните кредитори.
Македонската берза за долгорочни хартии од вредност објави дека првата обврзница е издадена на 19 октомври на сума од 22,66 милиони евра. Парите ќе треба да се вратат за 3 години, а каматната стапка изнесува 3,95 отсто.
Втората државна обврзница е на сума од 9,38 милиони евра. Нејзиниот рок на враќање е 15 години, а каматната стапка е 5,6%.
И третата обврзница со рок на враќање од 15 години е издадена на износ од 31,72 милиони евра. Каматната стапка на оваа обврзница е 5,6%.
Издавањето на обврзниците е предвидено со ребалансот на буџетот и е дел од планот за задолжување и раздолжување.
Аукциите се согласно Календарот на државни хартии од вредност достапен на веб страницата на Министерството за финансии.
Според објавените податоци, вчера се достасани државни хартии од вредност во износ од 36,5 милиони евра, а на 30 октомври треба да се вратат уште 2,2 милиони евра. Во текот на овој месец Владата треба да се раздолжи со вкупно 121,5 милиони евра.
Според Министерството за финансии, во следните 5 години Владата ќе треба да врати 6 милијарди евра на домашните и на странските кредитори.