НАСТАВНИЦИТЕ ДА НЕ ПОДЛЕГНУВААТ НА ПРИТИСОЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА Попов предупредува дека протестот е партиски

Пратеникот вели дека протестот го организира довчерашната државна секретарка во МОН, Билјана Казанџиска, која не направи ништо додека беше на функција.

334

Сведоци сме на една трагикомична ситуација, СДСМ и ДУИ кои 7 години беа на власт утре организираат протест пред Министерството за образование и наука. Група членови на СДСМ ќе протестираат барајќи повисоки плати за наставниците. Протестот го организира довчерашната државна секретарка во МОН, Билјана Казанџиска, истакна на денешната прес конференција Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

-Таа беше трет човек по хиерархија во институцијата, која имала можност да придонесе за подобри плати и услови за работа на наставниците, таа заедно со нејзиниот министер со кого беа во коалиција, не предвидоа средства во буџетот за оваа намена за 2024 година. Ситуацијата, едноставно опишана е следна – Казанџиска свесно турнала некого на земја и сега му подава рака за да стане, претставувајќи му се како заштитник – рече Попов.






Според него, СДСМ и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците организирајќи партиски протест со што докажуваат кој седи зад наводниот синдикат.

– Казанџиска е дел од раководството на претходната Влада на СДСМ и ДУИ која ги угнетуваше наставниците, која не ги консултираше за ниту една промена што предизвикаа тешки штети по македонското образование. Влада која доцнеше со исплатата на платите и манипулираше дека ги зголемува, без да ја споменува високата инфлација која ги изеде платите на сите граѓани, па и на наставниците. 7 години СДСМ можеше да реализира покачување колку што сакаа, тоа не го направија, затоа што намерата никогаш не им била таква. Ниту во овој буџет предвидоа пари за поголеми плати, затоа што го правеа буџетот за пред избори и да трошат пари пред кампања што и го направија – рече Попов.

Тој додаде дека наставниците никогаш не биле во приоритет на СДСМ.

-ВМРО-ДПМНЕ има поинаков пристап, и ќе го вратиме достоинството на наставниците. Апелираме до наставниците да не наседнуваат на партиски хушкања. Да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата која 7 години беше власт и не се погрижи да им обезбеди достоинство и пристоен живот. Актуелната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ има конкретен план како да го врати дигнитетот на наставниците. Со враќање на девастираните институции во нормала и со креирање на нов буџет за 2025 година кој домаќински и транспарентно ќе се користи, ќе се обезбедат пари за повисоки плати, за подобри услови за работа и за повеќе можности за кариерен и професионален развој – вели Попов.

 

Поврзани содржини