ЕУ (не) може без мигранти

Неспорна вистина е дека имиграцијата историски значајно ја збогатила не само Шведска, туку и голем број други западноевропски земји. Истото важи и за имиграцијата денес, иако политичките заложби и општествената клима околу миграциите драстично се менуваат.

479

Нешто повеќе од половина од возачите на автобуси и трамваји во Шведска се родени во странство, а и една третина од медицинските сестри се имигранти. Статистиката покажува слична мигрантска „преплавеност“ и во низа други професии. Шведска едноставно не може да функционира без имиграција.

Неспорна вистина е дека имиграцијата историски значајно ја збогатила не само Шведска, туку и голем број други западноевропски земји. Истото важи и за имиграцијата денес, иако политичките заложби и општествената клима околу миграциите драстично се менуваат.






Пред само десетина години тогашниот шведски премиер, Фредрик Рајнфелд, остана запаметен по неговата изјава, кога речиси со емотивен излив им се обрати на Швеѓаните со зборовите: „Отворите ги вашите срца“, апелирајќи дека земјата мора да биде подготвена да прифати бегалци и мигранти. Рајнфелд потоа изгуби на изборите, а во 2015 година се случи големиот мигрантски бран, кога 2,7 милиони луѓе побараа заштита во Европа. Повеќе од половина од нив побарале азил во Шведска или Германија.

Изјавата на Рајнфелд во последните години често беше изложена на остри критики, посебно од страна на екстремно десничарската партија Шведски демократи, кои постепено го зголемуваа бројот на пратеничките мандати во Парламентот-Риксдаг. Нивното гоолемо влијание врз актуелната шведска колаициска влада значајно придонесе за затворање на вратите за мигранти и бегалци, со постојано воведување нови рестриктивни мерки.

Како резултат на тоа, шведската министерка за миграции деновиве на прес-конференција соопшти, речиси со насмевка на лицето и со возбуда во гласот, дека најновите статистички податоци јасно и недвосмислено покажуваат дека „за првпат во изминатите 50 години повеќемина се иселиле од Шведска, отколку што се доселиле во земјата“. Покажувајќи ги статистичките дијаграми и бројки околу падот на бројката мигранти, министерката Стенегард воопшто не ни почувствува потреба барем попатно да ја спомене неоспорната вистина дека миграциите историски сепак ја збогатиле Шведска. Не го спомена тој факт, сметајќи веројатно дека нема многумина такви кои и понатаму сакаат да го слушнат тоа.

Миграциите станаа едно од најважните изборни прашања во Европа. Стотици илјади илегални мигранти пристигнале со чамци во последните години во Велика Британија, при што владата на поранешниот премиер Риши Сунак не успеа да го спречи тоа. И легалната миграција, во форма на нискоквалификувана работна сила, е исто така многу висока и многу непопуларна кај голем дел од Британците, меѓу другото затоа што ја отежнува состојбата со домувањата и ги намалува платите.

Во 2016 година, Британците гласаа за Брегзит, делумно за да ја вратат контролата врз границите на земјата и обемот на миграцијата. Но кога конзервативната влада набргу потоа дозволи имиграцијата да достигне рекордни нивоа, кај многумина избирачи се проширија разочарувања и лутина.

И анти-имиграциските и ЕУ-критичките расположенија во Франција не исчезнаа, само затоа што етаблираните партии се согласија на изборен трик за минимизирање на бројот на места што екстремно десничарското Национално собрание можеше да ги добие во парламентот на неодамнешните избори.

Имиграцијата, еколошката и климатската политика на ЕУ, ширењето на исламот и радикализацијата што ги следи тие процеси, како и презирот кон традиционалните вредности создаваат огромна политичка опозиција низ Европа. Се полесно и без задршка со прст се покажува кон бегалците и мигрантите, кога се зборува за проблемите и последиците од системските нарушувања во општетството.

Но фактите, всушност, зборуваат за поинаква реалност. Доселувањето мигранти е најзначајниот фактор што влијае врз порастот на населението и економската динамика во ЕУ. Без прилив на нови мигранти, населението на Унијата значајно би се намалувало. Порастот на мигранти во ЕУ во целина во последните две децении бил петпати поголем од бројките што произлегуваат од разликата помеѓу родени и умрени.

Недостиг од работна сила во моментов владее во голем број сектори во речиси сите земји членки на ЕУ. Токму затоа Европската комисија неретко нагласува дека на ЕУ ѝ е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрат економските тркала на ЕУ.

Актуелните процени на Европската комисија зборуваат за тоа дека недостигот од работна сила во ЕУ ќе продолжи да се зголемува напоредно со стареењето и намалувањето на обемот на работно способното население во ЕУ-членките. Имајќи го предвид таквиот развој, како што пред извесно време истакна еврокомесарката за внатрешни прашања Илва Јохансон, „потребни ни се повеќе патишта за да дојдат луѓе што можат да придонесат за раст на нашата економија“.

Во 2020 година околу 22 милиони луѓе од разни земји надвор од ЕУ биле населени во Унијата, а што одговара на 4,9 проценти од нејзиното вкупно население. На годишно ниво на подрачјето на Унијата се вселуваат околу 3 милиони мигранти преку легални патишта.

И Македонците, (без оглед дали ќе речеме „за жал“), во значаен обем учествуваат во интензивните движења на мигрантска работна сила кон ЕУ. Околу 400.000 дозволи за престој, според статистиката на Евростат, им се издадени на македонски граѓани во членките на ЕУ. Со издадените дозволи за престој и работа во ЕУ, се разбира, не се опфатени само македонските граѓани што добиле такви дозволи во последните неколку години, туку и оние што живеат во ЕУ-членки и од поодамна. Но, сепак, овие податоци доволно конкретно зборуваат за обемот на емигрирањето од Македонија кон европските земји, и тоа најмногу поради барање работа и семејни причини.

Се поголемиот број празни клупи во македонските учишта, пред стартот на секоја наредна учебна година, тажно сведочат за тој факт.

Поврзани содржини