Тврдините на соцреализмот
Не можете, а да не започнете со оние (најблаго речено) непријатни ликови од форматот на еден Делор (религиозен бирократ преоблечен во „социјалист“), па по него оној Сантер (исто така религиозен „социјалист“ но инволвиран и во постоењето на т.н. тајна армија на НАТО во Луксембруг, со листи за елиминација, „ако било потребно“, но и со буџетски скандали во Комисијата), па и Проди со неговата вплетканост во киднапирањето на Алдо Моро, или оној Баросо (заблуден „маоист“ и „комунист“ па десничар на PPD, со сите негови контроверзи од типот на Спирос Лацис, Голдман Сакс и др.), па преку излапенион Јункер до оваа „госпожа“ Урсула, која од домаќинка во Станфорд и плагијатор на докторска теза (во цели 43%) стаса до огнен гласноговорник на светската воена машинерија.
Да кажеш дека Европа односно ЕУ денес е едно од последните гнезда на закоравените „традиционални“ реакционерни и антидемократски политики (или „политики“, како сакате) може некому да му прозвучи смешно, па и непристојно. Но, ако појасните дека не станува збор за културна Европа, за европските демократски традиции во дел од земјите, туку за ЕУ бирократијата и сето она што таа го произведува последниве децении, имајќи го притоа односот кон Македонија како пример, тогаш тоа и не изгледа така смешно, нели.
Иако токму таа ЕУ бирократија, денес олицетворена во онаа политикантска врхушка околу „госпожа“ Урсула, а сега во тандем со уште една воинствена „госпожа“ од Естонија, сака себеси да се претставува како внучиња на Клеистен и Аристотел. Но сите нивни „политики“, особено во однос на „помалите“ и „послабите“, упатуваат на спротивното: тоа се луѓе кои секојдневно се разминуваат со демократијата не успевајќи да ја препознаат!
Иако, впрочем, не би било в ред да се потенцира само оваа генерација евробирократи а да се заборават нивните „учени“ претходници. Нашата кратка историја со нив од 1992 година наваму е реалност исполнета со лаги, манипулации, контроверзни изјави и дејствија, неморал и нечовечност…
Не можете, а да не започнете со оние (најблаго речено) непријатни ликови од форматот на еден Делор (религиозен бирократ преоблечен во „социјалист“), па по него оној Сантер (исто така религиозен „социјалист“ но инволвиран и во постоењето на т.н. тајна армија на НАТО во Луксембруг, со листи за елиминација, „ако било потребно“, но и со буџетски скандали во Комисијата), па и Проди со неговата вплетканост во киднапирањето на Алдо Моро, или оној Баросо (заблуден „маоист“ и „комунист“ па десничар на PPD, со сите негови контроверзи од типот на Спирос Лацис, Голдман Сакс и др.), па преку излапенион Јункер до оваа „госпожа“ Урсула, која од домаќинка во Станфорд и плагијатор на докторска теза (во цели 43%) стаса до огнен гласноговорник на светската воена машинерија.
Во сето ова што денес се случува на Балканот се замешани (и) нивните раце до лактите. Заради што, не случајно, италијанскиот европратеник Енрико Фалки, не така одамна, среде фамозниот Европарламент, порача:
„Оваа Европа ќе нема иднина доколку не се темели на вистината, на целосната транспарентност на институциите во поглед на мрачните заговори против демократијата коишто ја превртеа наопаку историјата, дури и неодамнешната, на многу европски држави. Ќе нема иднина, дами и господа, доколку не ја отстраниме идејата дека живееме во вид на двојна држава – една отворена и демократска, другата прикриена и реакционерна“.
Затоа, токму заради таа „прикриена и реакционерна“ Европа и на таквите нивни „политики“, ние останавме меѓу последните соцреалистички бастиони на Балканот. Добро, да, ги има уште неколку (Бугарија, Србија и др.), но сепак тоа не е којзнае каква утеха. И да, знам дека звучи пресилно, ама актуелната македонска реалност, упорно поттикнувана – или заштитувана, како сакате – од нивната неука бирократија и нивните официјални претставници во земјава е сѐ уште толку соцреалистички силна. И не попушта, не се дава, ниту пак остава простор(и) за друго. Иако, едновремено, има полна уста демократија!
Преку нивните инсталации во државава ја имат фатено за гуша потенцијалната демократизација на земјата спротивставувајќи се на сите процеси за некаква нормализација. Нивните проповедници, на чело со ЕУ амбасадорот и дел од дипломатскиот кор, силеџиски се обидуваат да ги држат сите конци во рацете и да диктираат состојби што (ќе) ги исполнуваат нивните планови со нас. Контроверзите со оние судски „тела без ум“ (за коишто пишував минатиот пат) се само последен актуелен пример за таа борба за одржување на нивната превласт и закостената соцреалистичка мисла во земјава.
Повторно тој фамозен Судски совет дели (не)правда, игнорира други државни тела – во случајов Државната комисија за спречување на корупција – а во одбрана на уште една ЕУ инсталација викана Академија за судии и јавни обвинители. Што сѐ не се случуваше на таа Академија, кој сѐ не покренуваше постапки против нивните узурпации – па дури и претседателката на државата! – но „чадорот“ на ЕУ реакционерите секогаш беше/е посилна.
Веднаш скокаат во одбрана на нивните инсталации, дури и при најтешки обвиненија. Зашто, иницијативата на Антикорупциската комисија до Судскиот совет, поднесена во мај годинава заради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик, баш и не е наивна. Притоа, иницијативата бара и утврдување на одговорноста на директорката на Академијата, претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители итн.
И, се разбира, Судскиот совет, на знак од ЕУ званичниците, веднаш го поставува бирократскиот соцреалистички ѕид во вид на расправи – да не речам манипулации – за надлежности, за навремено поднесување на иницијативата и слични будалиштини, сѐ со цел процедурите да се развлечкаат и разводнат, започнатите нерегуларни процеси да завршат и нештата да ја добијат етикетата статус кво! И сите среќни и весели: и ЕУ амбасадорот, и дел од другите „загрижени“ амбасадори…, иако сите „здушно“ се борат против криминалот и корупцијата во македонското судство!
Се разбира, не мислам дека само Судскиот совет или оној на т.н. јавни обвинители се последните бастиони на соцреалистичката мисла кај нас. Напротив, има дури и пофрапантни примери од нив. Но овде станува збор за ЕУ поддршка на таквиот „соцреализам“ – да не речам некој потежок збор! – како и на персони кои ни после цели три децении никако не успеваат да излезат од тој филм. Тука секако мислам особено на изминативе седум години, на поддршката на онаа криминална коалиција (а особено на дуи), но и на последните случувања во сдсм (малите букви се… знаете веќе што) околу „изборот“ на претседател на партијата и др..
Точно е дека нашиот удел во оваа приказна не е мал, напротив. Точно е и тоа дека три децении се малку за целосно ослободување од една онаква силна идеологија. Секогаш остануваат рецидиви скриени во пазувите на преоблечените во „демократско“ руво соцреалисти, и тоа оние најтврдите рецидиви: за вербалниот деликт, за мислечкиот деликт, за дикататот на партијата, за поттикнувањето говор на омраза и закани… итн. Тие, нашиве соцреалисти, слично на Маовата „црвена гарда“, дури и кога не се на власт се тука да воведуваат ред и поредок во нашите зборови, мисли и дела, да пропагираат една „реалност“ за сите и, ако треба, и казни за прекршителите!
И групирани се во повеќе идеолошки чисти бригади, попознати под акронимите сдсм, знм, сснм, дфрм (малите букви се… знаете веќе што), или пак „вистиномери“, „зборомери“ и „мисломери“… др. И секогаш се на штрек, подготвени да ве фатат во некој вербален или мисловен престап, да препорачаат дури и кривично гонење или, ако не повеќе, исклучување од нивната замислена општествена „заедница“.
Но, едно здраво општество со таквите бргу би се справило. Ние, се разбира, не сме такво општество. Но го имаме и тој проблем што таквите уживаат полна заштита од менторите залегнати кај стратешките партнери, со мисловна логика од времето на „студената војна“. И оттаму и силата, мислата дека се семожни и непобедливи.
И, се разбира, на многумина моиве зборови (повторно) по малку ќе им заличат на шега, на циничен скеч или саркастично подигрување со актуелната „реалност“. Ама не е така, како што не беше ни оној стрелачки строј контра „вербалниот деликт“ на претседателката од нејзините бивши колеги на командното место, како што не е ни онаа „играрија“ со оние два збора со коишто била изразена „јасна намера“ да се поттикне говор на омраза кон една новинарка (а за што, ве молам, од МВР и од странски амбасади – од странски амбасади!? – било побарано да се поведе постапка за кривичен прогон), како што не е воопшто наивно ни она постојано „потсетување“ од страна на грст полуписмени интелектуалци дека Македонија постои од 1945 година итн.
И како што не е со овие два соцреалистички бастиони во правосудството, менторирани од „меѓународната заедница“!