ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ САКА ДА БИДЕ И ПРЕМИЕР Шокантниот план на Зоран Милановиќ пред Уставен суд
Бројни уставни експерти како и премиерот Андреј Пленковиќ, го сметаат потегот на Милановиќ за неуставен, но хрватскиот претседател нема намера да се повлече од изборите.
Шок и политичкиот циркус, така политичките експерти ја оценуваат атмосферата во Хрватска откако шефот на државата Зоран Милановиќ, на изненадување на сите, ја објави својата кандидатура за хрватски премиер на изборите за кои самиот го избра датумот, во среда, 17 април.
Дали е тоа можно доколку дотогаш ја задржи претседателската функција, последниот збор ќе го имаат судиите на Уставниот суд, но факт е дека никаде во хрватските закони не е предвидена ваква состојба, каде што актуелниот претседател на државата во исто време, барем во одреден период, ги сака двете највисоки функции во државата. Уставните експерти предупредуваат дека Милановиќ мора веднаш да поднесе оставка од претседателската функција бидејќи земјата е влезена во сериозна уставна криза, а околу тоа е поделена и хрватската јавност.
По шокантната најава на Милановиќ дека ќе се кандидира на листата на СДП на парламентарните избори и бројните реакции што следеа, се очекува одлуката на Уставниот суд за (не)уставноста на планот на претседателот.
Бројни уставни експерти како и премиерот Андреј Пленковиќ, го сметаат потегот на Милановиќ за неуставен, но хрватскиот претседател нема намера да се повлече од изборите.
– Небитно е што мисли Уставниот суд на чие чело е кумот на пијанијот Шекс. Тоа е Шепаровиќ, човек кој има крвна одмазда со Турудиќ, но од лични причини, не од принципиелни причини, тоа е истиот тој џган. И на крајот може да донесат одлука како сакаат, но јас ќе бидам кандидат за премиер во кампањата – рече Милановиќ, пренесуваат хрватските медиуми.
Уставниот суд на Хрватска денеска ќе ја соопшти одлуката за кандидатурата на Милановиќ на претстојните избори. По Седницата на Уставниот суд ќе се знае дали на Милановиќ ќе му биде дозволено да се кандидира на парламентарните избори.
– Можете да бидете на европските избори, законот е донесен во 2010. ХДЗ го донесе. Тоа може, а за Собрание не може. Ајде објаснете ми го тоа. Тие можат да донесат каква сакаат одлука, јас ќе бидам во кампања и ќе бидам кандидат за премиер – истакнува хрватскиот петседател.
Аналитичарите и политичките експерти во хрватската јавност дебатираат дали Милановиќ треба да поднесе оставка пред да се кандидира за функцијата или може да ја започне изборната трка дури и како претседател.
Уставниот експерт Мато Палиќ смета дека во однос на кандидатурата на претседателотМилановиќ на изборите за хрватското Собрание, работата е „многу јасна“ и дека тој како државен орган не може да биде кандидат на изборите.
– Претседателот е државен орган, тој не е само поединец кој има 18 години и е хрватски државјанин, па по тој основ би можел да биде кандидат на изборите, туку истовремено е и државен орган, а државен орган не може да биде кандидат на парламентарни избори – изјави Палиќ за Хрватското радио.