СОРАБОТКА ШТО ЌЕ ПОТТИКНЕ ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ Фондацијата Марјановиќ и Асоцијацијата за човечки ресурси ќе реализираат едукативни активности

184

Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) и Александар Марјановиќ, директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, денеска потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот предвидува двете страни заеднички да ги насочат своите заложби кон трансформирањето на Македонија во просперитетно и пристојно место за живеење.

Соработката на ова поле треба да доведе до спроведување на повеќе иницијативи и проекти насочени кон поттикнување на филантропијата и општествената одговорност во бизнис заедницата од една страна и кон посебни групи граѓани на кои им е потребна поддршка во процесот на образованието, вработувањето и дигитализацијата. Оваа иницијатива ќе биде поддржана со редица заеднички активности и проекти, кои вклучуваат размена на искуства, создавање проекти од заеднички интерес и заедничко настапување пред можни донатори, примена на меѓународни искуства и реализирање едукативни активности, како што е промоцијата на Фондот за школување на деца без родители кој опфаќа обезбедување компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, подготовка за вработување и реализирање 1-на-1 менторска програма.






– Македонските компании, како општествено одговорни деловни субјекти, ја препознаваат важноста и потребата од континуирани инвестиции во развојот на човечкиот капитал преку негово постојано надоградување. Улогата за ваквите процеси е во рацете на професионалците за човечките ресурси, кои преку воспоставувањето на високи стандарди, развојот на своите компетенции и заеднички напори во рамките на HR заедницата можат да направат разлика во животите на многу луѓе и организации – изјави  Петровски.

– Македонија може да стане пристојно место само доколку се обединиме околу оваа цел и заеднички работиме на обликување на младите во луѓе за почит. Тие еден ден ќе бидат нашите идни лидери и носители на развојот на земјава – изјави Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот.

Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ е непрофитна организација посветена на поттикнување на образованието, лидерството и социјалниот развој во Македонија. Со фокус на зајакнување на младите и култивирање на идни лидери, Фондацијата работи неуморно да инспирира позитивни промени и да придонесе за растот и просперитетот на земјата.

Поврзани содржини