РАЗНИ ИНСПЕКЦИИ ЌЕ ГО СКЕНИРААТ РАБОТЕЊЕТО НА М-НАВ Под лупа финансиите, јавните набавки, безбедноста, вработувањата…
Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат – велат од Агенцијата за цивилно воздухополовство.
Финансиската полиција најави дека во вторник ќе влезе во Македонската навигација М-НАВ за да го испитува целокупното финансиско работење, пренесе Сител.
Според најавите, ќе се испитува целокупното финансиско работење, работата на менаџментoт, јавните набавки, работењето на синдикатот, како и последните вработувања.
Ова следува по нападот врз вработените во контрола на летање, што се случи вчера по прес-конференцијата на Синдикатот на М-НАВ, на која беше објавен ставот на членството дека не прифаќаат вработувања на несоодветни кадри под притисок на раководството.
И директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев денеска соопшти дека Агенцијата наложила вонреден инспекциски надзор од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај.
– Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат – изјави Тунтев за МИА.
Тој додаде дека по завршување на надзорот ќе бидат преземени сите неопходни корективни мерки и ќе биде утврдена евентуална конкретна одговорност.
Владата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои и разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.