ДЕЛ ДРАЧЕВЧАНИ ЌЕ ЈА ДОЧЕКААТ НОВАТА ГОДИНА ВО МРАК Цел ден чекаме да се отстрани дефект, велат тие
Цел ден не можам ништо да работам, палиме оган надвор за да зготвиме нешто, зашто немаме никаква струја дома. Ова не е нормално, ни се одмрзнаа фрижидерите, цел ден чекаме да се поправи дефектот. Во мрак ли ќе чекаме Нова година - вели револтирано жителка на Драчево.
Дел од жителите на Драчево, од улиците Киро Фетак 1 и 2, речиси цел ден немаат струја, и сосема е можно Новата година да ја дочекаат во мрак, без струја, некои од нив без греење, а повеќето без традиционалната новогодишна вечера.
Имено, жителите на десетина и повеќе споредни улици на патот од Драчево кон Долно Лисиче, кои сите заедно се водат како улица Киро Фетак, уште од 10 часот изутринава немаат една фаза на струјата, а тие куќи со монофазна струја немаат никакво снабдување. Цел ден граѓани се јавуваат на дежурниот телефон на ЕВН дистрибуција и го добиваат истиот одговор – екипите се испратени на терен, се работи на случајот. Граѓаните веќе ги губат нервите, зашто не можат да се подготват за новогодишната ноќ.
– Цел ден не можам ништо да работам, палиме оган надвор за да зготвиме нешто, зашто немаме никаква струја дома. Ова не е нормално, ни се одмрзнаа фрижидерите, цел ден чекаме да се поправи дефектот. Во мрак ли ќе чекаме Нова година. Срамота! Дојдоа двајца околу 3 попладне, прашаа нешто, и рекоа, ќе биде, работиме на дефектот. Еве поминаа 5 часа, уште ништо. Се јавуваме на телефон и само велат, сега-после, имаме многу јавувања. Подоцна веќе не можеше да се добие никој, велат сите оператори ни се зафатени. Па добро, толку ли се неспособни – вели О.М., 65-годишна драчевчанка, на која, како што вели, прекинот на струјата ѝ го уништил дочекот на Нова година.
Нејзиноот сосед, кој со семејството неодамна се вратил од странство за да ја дочека Новата година во својата земја, вели дека е разочаран од она што го дочекало тука.
– Ова е срамота. цел ден да не може да се отстрани еден дефект!? Вакво нешто само овде се случува. Сакав на моите деца да им ја приближам нивната татковина, па затоа и ги донесов во Македонија, но после ова не знам што ќе мислат, нема да сакаат уште еднаш да дојдеме на гости – вели соседот.
Друг сосед, кој делумно има струја, а делумно не, вели дека ова е срамно.
– Ми дојдоа гости, имаме струја на некои удреди, но една фаза нема, па седиме во мрак. Палиме свеќи како во 19-ти век. Па добро, пријавено е од 11 саатот сабајле, колку време им треба? Се јавуваме и отпрво велеа, знаеме, работиме на случајот, а потоа не дигаат слушалка – вели револтирано драчевчанецот.
Од ЕВН Дистрибуција се обидовме да добиеме одговори дали и кога ќе биде отстранет дефектот, и за каков дефект станува збор, но добивме само одговор дека „екипите се на терен и се работи на случајот“.