„НЕГОВО ПРАВО Е ДА СЕ ЗАЗЕМЕ ЗА СВОЈОТ ПРИЈАТЕЛ“ Агелер го коментира ставот на Зоран Заев кој застана во одбрана на Кочо Анѓушев
Се работи за правна процедура и како и кај сите правни процедури, оние што биле ставени на листа се добредојдени да ангажираат адвокати од САД и да дејствуваат врз основа на нивното незадоволство - посочи американската амбасадорка Анџела Агелер.
Поранешниот премиер настапи и се зазема за својот пријател и има право да го стори тоа, рече амбасадорката на САД, Анџела Агелер, за ставот на поранешниот премиер Зоран Заев кој застана во одбрана на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев откако тој беше ставен на „црната листа“ во САД.
– Со поранешниот премиер сум разговарала многу, иако не во последно време. Тој настапи и се зазема за свој пријател и секако има право да го стори тоа. Ќе кажам дека – исто како и со именувањето на Орце Камчев и неговите организации – она што го видовме е дека, често, кога се работи за овие означувања, како и за корупцијата, тоа со кои луѓе работите може да влијае на вашето семејство. Значи, апсолутно е негово право да каже сѐ што сака за неговиот пријател –рече амбасадорката Агелер во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Американската амбасадорка посочи и дека Анѓушев има право да го изрази своето незадоволство и да ангажира адвокати, но нагласи дека ваквите случаи кога некој е означен од САД и ставен на „црната листа“ се базирани на докази и тука се работи за правна процедура, а не за чувства и за сомневања.
– Повторно ќе кажам, ние не означуваме лица врз основа на сомневања, не означуваме лица врз основа на тоа што мислиме или чувствуваме за нив, тука нема ништо лично. Се работи за правна процедура и како и кај сите правни процедури, оние што биле ставени на листа се добредојдени да ангажираат адвокати од САД и да дејствуваат врз основа на нивното незадоволство. Јас можам да кажам дека сме сигурни во означувањето на тоа лице поради доказите што ги поседуваме. Тој може слободно да се занимава со тоа, но сигурна сум дека таа одлука ќе биде потврдена – истакна Агелер.
Во интервјуто, Агелер нагласи дека највисок приоритет во амбасадата на САД е да ги поддржи напорите на државава целосно да се интегрира во Европа, но најважно пред сѐ е државата да ги спроведе реформите.
– Пред оваа Влада се поставени одредени барања, за да може да продолжи понатаму во пристапувањето кон ЕУ. Ги охрабруваме да ги донесат тие одлуки, било да се работи за опозициските партии, било за Владата, уште еднаш да донесат тешки одлуки и повторно да усвојат амандмани за да продолжат понатаму. Сепак, она што навистина е значајно е државата да ги спроведе реформите што се потребни за целосно да се интегрира внатре во Европа, вклучително и реформите во правосудството, но и во здравството, образованието и други сектори, за целосно да се интегрира во Европа. Тоа ќе ја направи државата посилна, постабилна, попросперитетна и ќе донесе можности што луѓето ги бараат за да не ја напуштат државата и да бараат можности на друго место – рече американската амбасадорка Анџела Агелер.