Околу дневната евтина тарифа за електричната енергија
Предлагам кај одреден број домаќинства терминот да биде од 14 до 16, а можеби да се воведе уште некој дополнителен термин.
Од 1 декември 2023 година почна да важи новата мерка што ја донесе владата на Република Македонија (РМ) во врска со корисниците на електрична енергија кај домаќинствата. Имено, повторно се воведува евтина тарифа и преку ден која ќе трае од 13 до 15 часот. Овој систем со евтина и скапа тарифа постоеше и пред неколку години, но беше укинат, а сега повторно се воведува.
Најголемиот број од домаќинствата имаат двотарифни електрични броила (народот ги нарекува струјомери) бидејќи користеа двотарифен систем и во минатото. Кога дневната евтина тарифа беше укината, постојните двотарифни електрични броила не беа заменети, домаќинствата ги имаат и денес. Некои од нив се од постар тип (електро-механички) поврзани со посебен преклопник, а некои од поновите се електронски со можност за далечинско отчитување на потрошената електрична енергија. Но при укинувањето на дневниот двотарифен систем пред неколку години интервенциите од екипите на ЕВН како да го направија тоа преку ноќ. За тоа не слушнавме ништо во јавноста.
Ефтина дневна тарифа ќе можат да користат веднаш само 170.000 домаќинства кај кои постои можност за далечинско сетирате. Кај останатите 600.000 домаќинства со постари броила сотирањето ќе се врши рачно и ќе трае неколку месеци.
Мислам дека старите броила беа сетирани на двотарифен систем во минатото така што дневниот евтин термин беше од 14 до 16 часот. Но при менување на времето од зимско во летно мерење, тој термин се поместуваше за еден час напред, а потоа назад.
Со овој напис сакам да предложам да не се прави унифицирано сетирате, односно дневната евтина тарифа кај сите домаќинства да биде од 13 до 15 часот. Во тие два часа сигурно ќе се јави врвно оптоварување на електро-енергетскиот систем во РМ. Плус во тој термина истовремено се вклучени скоро сите потрошувачи на ел. енергија во сите фирми, институции итн.
Денес, во време на енергетска транзиција во светот, една од темите за развој е како да се избегнат моменталните врвни товари во електричната мрежа, а најчесто се користи терминот „smart grid“ (умна мрежа).
Предлагам кај одреден број домаќинства терминот да биде од 14 до 16, а можеби да се воведе уште некој дополнителен термин.
Врвните товари на електрична енергија се неповолни од повеќе аспекти. Веројатно производството на електрична енергија во РМ во тој термин на денот нема да биде доволно за да ги задоволи потребите, па ќе мора да се увезува скапа ел. енергија. А во зимскиот период цената на електрична енергија на берзите најчесто е висока, а некогаш и превисока.