„БУЏЕТОТ ЗА 2024 ГОДИНА Е КРОЕН ЗА ПРЕДИЗБОРЕН ПОТКУП“ Опозицијата прогнозира дека тоа ќе ја зголеми инфлацијата

Во март 2024 година ќе има повторно усогласување на платите. Дополнително, оној класичен предизборен поткуп доколку се случи, недостигот на работна сила кој прави притисок на платите итн. можат повторно да ја придвижат инфлацијата нагоре - наведува поранешната заменик-министерка за финансии.

197

Aко ги вклучат мерките за кои зборуваа пред некое време, односно да даваат помош на различни категории граѓани, тогаш слободно можеме да кажеме дека Буџетот за 2024 година е кроен за избори – вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Локално.мк.

– Откако поради неспособност и лични интереси, корупција и криминал, инфлацијата им излезе од контрола, а поради погрешни и ненавремени мерки, сега зборуваат за помош на граѓаните. Притоа, замислете, баш таа помош им ја даваат во изборна година! Зошто тоа не го направија во 2022 кога инфлацијата го достигна плафонот или пак во 2023? И на крај, зошто дозволија да стане животот толку скап, а потоа да глумат дека сакаат да му помогнат на народот – прашува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.






Димитриеска Кочоска потсетува дека во следната година ќе бидат потребни за 18 отсто повеќе пари за платите на вработените во јавниот сектор.

– Не е администрацијата виновна што владата не се справи со инфлацијата како што треба, не е виновна ниту за тоа што мерките доцнеа и беа погрешни. Владата требаше навреме да размислува за проблемот со инфлацијата. Ние како опозиција зборувавме дека почнува да расте инфлацијата во Македонија уште пред да почне воениот конфликт во Украина. Тоа беа првите знаци дека има домашни фактори кои ја движат. Уште во тој период Владата требаше да направи анализи што се случува. Откако целата работа им излезе од контрола и откако животот стана прескап и најголемиот дел од македонските семејства примаат плата само за да се прехаранат, логично е да се зголемат и нивните плати. Не ги цеди администрацијата платите, ги цеди власта која покрај сите погоре наведени причини и понатаму вработува. Онаа истата власт која не убедуваше дека администрацијата е превработена – вели Димитриеска Кочоска.

Стапката на инфлација во овој буџет е проектирана на 3,6 отсто на годишно ниво, што според Димитриеска Кочоска, не е реално.

– Во март 2024 година ќе има повторно усогласување на платите. Дополнително, оној класичен предизборен поткуп доколку се случи, недостигот на работна сила кој прави притисок на платите итн. можат повторно да ја придвижат инфлацијата нагоре – наведува поранешната заменик-министерка за финансии.

Во изминативе години гледаме дека постои разлика во прекциите помеѓу МФ, ММФ и Светска банка за стапката на раст, а според Димитриеска Кочоска има само еден заклучок.

– Повисоки стапки на раст планираат кога Министерството за финансии има потреба да планира повисоки приходи кои нема да ги оствари. Но тие повисоки приходи отвараат простор „желбите” за трошење на поединечните иснтитуции да бидат планирани повисоко.Тоа значи дека институциите планираат повисоки расходи, а на крајот завршува со следното: Институциите ги реализираат сите планирани непродуктивни расходи, а бидејќи нема доволно приходи, зашто нереално високо ги планирале, тогаш ги кратат капиталните расходи зашто нема што друго да се крати – предвидува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Локално.мк.

 

Поврзани содржини