ЦИРКУС АДРИА ВО ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИ Претседателот Христо Петрески ја повлече оставката, нагло оздраве и сега напаѓа

Пет дена откако поднесе оставка од „здравствени причини“, Христо Петрески сега ја повлекува оставката и тврди дека му била изнудена со уцени. Што се случува во здружението на македонските писатели?

1,294

Циркусот во Друштвото на писатели на Македонија продолжува.

Откако на 9 октомври си поднесе оставка од функцијата претседател на ДПМ од здравствени причини, Христо Петрески денеска се предомисли, ја повлече оставката и сега обвинува за уцени.






Еве што напиша тој во оставка упатени до членовите на ДПМ, но и до медиумите:

„Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати“.

Во денешното обраќање озаглавено со големи букви „Повлекување на оставката“, повторно до членовите на ДПМ и до медиумите, Петрески пишува:

„По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани“.

Минатата недела, 8 од 9 члена на Претседателството на ДПМ поднесоа оставки: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска , Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски.

Во реакцијата на Претседателството по оставките на членовите, стоeше дека пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото. Но, дел од членовите бараат да се свика Собрание на ДПМ и да се избере ново раководство.

„Ние, македонските писатели, нема да дозволиме да продолжат обидите за држење во заложништво на Друштвото на писателите на Македонија! По кусото и неконцизно обраќање на претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, јавно ја повикуваме веднаш да престане со манипулациите! За Вонредното изборно собрание закажано за 25 ноември 2023 година, мора да се распишат избори за: претседател на Друштвото, претседател на Собранието, членови на Претседателството и членови на другите тела на ДПМ. Секакво подигрување без да се распишат избори за сите раководни позиции и за членови во другите органи во ДПМ ќе претставува обид за продолжување со самоволието и насилието, кои му го одзедоа достоинството на ДПМ. Македонскиот писател мора да го искаже својот став! На ДПМ му треба систем од вредности!“, реагираат група писатели на социјалните мрежи.

ОВА Е ФАЛСИФИКАТ ОД ХРИСТО ПЕТРЕСКИ! Писателот Иван Антоновски за повлекувањето на оставката на претседателот на Друштвото на писателите

Поврзани содржини