КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ШТИП Е ПРИОРИТЕТ ЗА ВМРО-ДПМНЕ Потребно е да се префрлат пари од централниуот буџетот за објектот да се доизгради
Лидерот на ВМРОП-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Штип кажа дека овој капитален објект е приоритет во програмата на неговата партија, но нагласи дека внимава многу што ветува, за утре да не ги разочара граѓаните.
Изградбата на Универзитетската клиничка болница во Штип е носечки проект кој што ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, за што е потребно префрлање финансиски средства од централниот буџет кон општините за реализација на капитални и инфраструктурни проекти, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Штип, во рамките како дел од теренската активност „Важно е! Од тебе зависат промените“.
– Ова практично е здравствена установа која што опслужува некаде околу половина милион луѓе. Разговаравме со здравствени работници кои што се дел од установите овдека во регионот и овде во Штип. Ги детерминиравме кои се проблемите, со кои што се соочуваат, тие проблеми не можат да се решат, како и што самите кажаа, преку ноќ. Потребни се 5-6 години за да се создаде потребниот медицински кадар, којшто би имал искуство да опслужи толкава бројка на граѓани – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека неговата партија негува „многу внимателен пристап во ветувањата“.
– Не сакаме да предизвикаме разочарувања кај граѓаните, туку сакаме да предизвикаме едно поинакво чувство, дека не биле сите исти и дека можело поинаку. И затоа овие неколку месеци насекаде ќе се гледаме низ Македонија, ќе учиме. Многу од работите, се разбира, ги знаеме, но многу од работите за првпат ги слушаме и потоа ќе ги испорачуваме – објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.