ОТКРИЕН МОТИВОТ ЗА РУСКИОТ НАПАД НА ЧЕРНИХИВ? Во градскиот театар имало собир на производители на дронови
Верувам дека нивната цел беше воен настан во зградата на драмскиот театар. Но, јасно е дека Русите кои ги лансираа тие ракети и оние кои ги нарачаа среде бел ден, сфатија дека жртвите ќе бидат првенствено цивили. Нема друг начин да се толкува освен воено злосторство против цивили, уште едно руско воено злосторство - рече вршителот на должноста градоначалник на Чернихив, Олександар Ломако.
Седум лица, меѓу кои и едно шестгодишно дете, загинаа кога руски проектил погоди театар во северниот украински град Чернихив, соопштија властите. Меѓу 129-те повредени има и 15 деца, соопшти Украинското министерство за внатрешни работи. Најмалку 25 лица се во болница.
Меѓу жртвите има и луѓе кои православниот празник го славеле во црквата, соопшти Министерството.
Во нападот е оштетен и главниот плоштад и зградата на универзитетот.
Чернихив се наоѓа во северниот дел на Украина, на околу 50 километри од границата со Белорусија. На почетокот на инвазијата беше под опсада од Русија. Во денешниот ракетен напад директно беше погоден импресивниот градски театар.
Театарот беше домаќин на собир на производители на дронови, изјави за Би-Би-Си вршителот на должноста градоначалник на Чернихив, Олександар Ломако.
– Верувам дека нивната цел беше воен настан во зградата на драмскиот театар. Но, јасно е дека Русите кои ги лансираа тие ракети и оние кои ги нарачаа среде бел ден, сфатија дека жртвите ќе бидат првенствено цивили. Нема друг начин како да се толкува освен како воено злосторство против цивили, уште едно руско воено злосторство – рече Олександар Ломако.
Центарот на градот Чернихив е популарна област за пешачење, особено за време на викендите, изјавија локалните жители за Би-Би-Си.
Ана Захреба, менаџер на ресторан на кримските Татар спроти театарот, рече дека нејзиниот персонал се подготвувал за напорен ден кога проектилот го погодил плоштадот.
– Истрчав надвор да видам што се случува. Таму имаше две 12-годишни девојчиња и многу крв. Едната имаше тешко повредена нога. Другото девојче врескаше – рече таа.
Ана вели дека персоналот притрчал да им помогне на повредените со медицински материјали и ќебиња.
– Овде секогаш шетаат многу луѓе, со деца и колички. Има многу ресторани и кафулиња во областа. Не очекувавме ваков ден – додаде таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ја претворила „обичната сабота“ во „ден на болка и загуба“. Нападот го осудија и Обединетите нации и ја повикаа Москва да престане со напади во населени области.